Фото: МВР на Србија

Уште се истражува чија е марихуаната?

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција сè уште утврдува евентуална поврзаност на 40-те тони запленета марихуана во Македонија со петте тони што беа најдени во Србија и сè уште го утврдува потеклото на дрогата. Јавниот обвинител сослушува сведоци и прибира докази релевантни за постапката, велат од Обвинителството во соопштение до јавноста по заплената на над 40 тони марихуана од фирми за одгледување на канабис за медицински цели.

-Во рамките на опсежната акција што се спроведува изминатиот период, а во која досега се запленети над 40 тони марихуана од повеќе правни лица на територијата на државата, обвинителството ја информира јавноста дека континуирано презема активности во соработка со Министерството за внатрешни работи и Комисијата за одобрување на одгледување на канабис за медицински цели, во рамките на Министерството за здравство. Постапувањето се одвива во континуирана координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како и со други јавни обвинителства со месна и стварна надлежност, кои постапуваат по предмети за кривични дела утврдени во Законот за контрола на опојни дроги. Во насока на целосно утврдување на фактите и околностите, предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е во комуникација со Обвинителството за организиран криминал на Република Србија, со цел размена на информации од значење за постапката што ќе помогнат да се утврди евентуална поврзаност на двата случаи и потеклото на марихуаната. Воедно, јавниот обвинител од ОЈО ГОКК презема и други дејствија согласно своите законски надлежности, вклучително и сослушување лица во својство на сведоци, со цел прибирање докази и факти релевантни за постапката – велат од Обвинителството.

Оттаму додаваат дека продолжуваат со преземање на дејствија за целосно расчистување на случајот. Петте тони дрога во Србија беа запленети на 29 јануари, а македонските власти почнаа акција и проверка на фирмите во средата попладне. Оттогаш нема одговор од институциите како дрогата од Македонија завршила во Србија како што тврдеа српските истражни власти, додека премиерот Христијан Мицкоски вели дека сè уште не е утврдено дека дрогата била од Македонија.

 

ВИДЕО | Српската полиција откри пет тони марихуана во Шумадија – најголема заплена во историјата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот