Спречете алиштата да ви избледат на сонце — ова се правилните начини како да ги сушите
Летната гардероба, карактеристична по живите бои, внесува ведрина во секојдневието. Меѓутоа, токму интензивните тонови се најчувствителни на сончевите зраци.
Препорачано
Во комбинација со високите температури и честото перење, облеката како маици, фустани и костими за капење може да го изгуби својот сјај. Сепак, со примена на правилни методи за перење, сушење и складирање, можно е значително да се продолжи трајноста и свежината на боите на облеката, пишува „Економик тајмс“.
Зошто облеката избледува?
Главната причина за избледување на облеката е процесот на фотодеградација. Ултравиолетовите зраци ги разградуваат хемиските врски во пигментите и влакната на ткаенината. Тоа не предизвикува само губење на бојата, туку и слабеење на материјалот, кој со текот на времето може да стане погруб и кршлив.
Отпорноста на фотодеградација зависи од видот на материјалот. Природните влакна како памук, лен и свила се особено чувствителни и можат да избледат по неколку часа директна изложеност на сонце. Синтетичките материјали како полиестер и најлон подолго ја задржуваат бојата, но ниту тие не се целосно отпорни на долготрајна изложеност.
Правилното перење е првата линија на одбрана
Првиот чекор за зачувување на боите е правилната подготовка за перење. Облеката треба да се сортира според боите – бела, светла, темна и интензивно обоена.
Се препорачува облеката да се преврти наопаку пред перење, со што ќе се намали абењето на надворешната страна на ткаенината.
Обоената облека треба да се пере во ладна вода, на температура до 30 степени Целзиусови, бидејќи високите температури го забрзуваат губењето на пигментот. Најдобро е да се користат благи течни детергенти за обоени ткаенини и да се избегнуваат производи со избелувачи.
Исто така, важно е машината за перење да не се преполнува, бидејќи облеката има потреба од простор за слободно движење и темелно плакнење.
Начин на сушење на облеката
Иако сушењето на сонце изгледа како најбрзо решение, директната изложеност на УВ-зраци е најштетна за боите. Најдобар начин за зачувување на бојата е сушење на воздух, но во сенка.
Доколку се користи машина за сушење, треба да се избере програма со ниска температура. Облеката треба да се извади веднаш по завршување на циклусот за да се избегне прекумерно загревање и оштетување на влакната.
Правилно складирање на облеката
Начинот на складирање на облеката исто така има важна улога во зачувувањето на боите. Летната гардероба треба да се чува на ладно и темно место, како затворен плакар или фиока.
Треба да се избегнува изложување на директна или индиректна сончева светлина. Пред подолго складирање, облеката мора да биде чиста и целосно сува за да се спречи појава на мувла и оштетувања од молци.


