Сперма од донор со ген што предизвикува рак е искористена за зачнување на речиси 200 деца
Донор на сперма, кој не знаел дека носи генетска мутација што драматично го зголемува ризикот од рак, станал татко на најмалку 197 деца ширум Европа, откри голема истрага на Мрежата за истражувачко новинарство на ЕБУ. Некои од децата веќе починале, а само мал број од оние кои ја наследиле мутацијата ќе избегнат развој на рак во текот на животот, пишува Би-би-си.
Препорачано
Европската банка за сперма во Данска, која ја продавала спермата од овој донор, соопшти дека на погодените семејства им изразува „најдлабоко сочувство“ и призна дека спермата во одредени земји била користена повеќе пати од дозволеното.
Истрагата ја спровеле 14 јавни сервиси, меѓу кои и Би-би-си, како дел од истражувачката мрежа на Европската радиодифузна унија.
Спермата потекнувала од анонимен маж кој донирал уште од студентските денови, од 2005 година. Жените ја користеле неговата сперма околу 17 години. Иако донорот ги поминал сите здравствени проверки, подоцна било откриено дека ДНК во дел од неговите клетки мутирала. Оштетен е генот TP53, кој има клучна улога во спречување на клетките да станат канцерогени.
Поголемиот дел од органите на донорот не го содржат опасниот облик на TP53, но до 20 отсто од неговата сперма го содржи. Сепак, сите деца зачнати со оваа сперма ја имаат мутацијата во секоја клетка од телото. Ова е познато како Ли-Фраумениов синдром, состојба што носи околу 90 отсто ризик од развој на рак, особено во детството, како и ризик од рак на дојка подоцна во животот.
„Ова е страшна дијагноза. Многу е тешко да им се соопшти на семејствата. Свеста за ваква дијагноза е доживотен товар и тоа е поразувачки за секого“, изјави професорката Клер Тернбул, генетичар за рак од Институтот за истражување на рак во Лондон.
За рано откривање на тумори, потребни се годишни МРИ прегледи на телото и мозокот, како и абдоминален ултразвук. Жените често се одлучуваат и за превентивно отстранување на дојките.
Европската банка за сперма наведе дека „донорот и членовите на неговото семејство немаат развиено болест“ и дека ваквата мутација „не може да се открие со превентивен генетски скрининг“. Тие наведоа дека донорот веднаш бил блокиран откако бил откриен проблемот.
Лекари од Европското здружение за генетика, кои ги прегледувале децата заболени од рак поврзани со оваа донација, изразиле голема загриженост. Меѓу 67-те деца за кои имало податоци во тој момент, кај 23 бил пронајден оштетениот ген. Десет од нив веќе имале дијагностицирано рак.
Истражувањето укажува дека најмалку 197 деца се зачнати од овој донор, но бројката можеби и не е конечна затоа што податоци недостасуваат од повеќе земји. Не е познато ниту колку од децата ја наследиле опасната варијанта.
„Имаме многу деца кои веќе развиле рак. Некои развиле два различни вида рак, а има и деца кои починале на многу рана возраст“, изјави д-р Едви Кеспер, генетичар за рак од Универзитетската болница во Руан, Франција.
Спермата од овој донор ја користеле 67 клиники за плодност во 14 земји. Родителите се повикуваат да ја контактираат клиниката каде го направиле оплодувањето.
Ниту една меѓународна регулатива не определува колку пати може да се користи спермата од ист донор. Земјите сами поставуваат ограничувања. Европската банка признава дека овие ограничувања биле „несреќно прекршени“ во некои држави.
Во Белгија, на пример, едно донирано семе треба да го користат само шест семејства, но 38 различни жени родиле 53 деца од овој донор. Во Велика Британија ограничувањето е десет семејства по донор.
Професорот Алан Пејси, поранешен директор на Шефилдската банка за сперма и актуелен заменик декан на Универзитетот во Манчестер, изјави дека земјите станале зависни од големите меѓународни банки и дека половина од спермата во Велика Британија се увезува.
„Банките ја продаваат спермата на многу земји. Тука почнува проблемот, бидејќи не постои меѓународен закон за тоа колку пати може да се користи спермата од еден донор“, вели Пејси.
Тој додава дека случајот е „ужасен“, но и дека е речиси невозможно спермата да биде 100 отсто безбедна.
„Не можете сè да тестирате. Прифаќаме само 1–2 отсто од мажите кои се пријавуваат да бидат донори, така што ако направиме построги проверки, едноставно нема да имаме донори.“
Овој случај, заедно со оној на маж кој стана татко на 550 деца преку донација, повторно го отвори прашањето за построги ограничувања.
Европското здружение за репродукција неодамна предложи лимит од 50 семејства по донор, но напомена дека тоа нема да го елиминира ризикот од ретки генетски болести.
Експертите нагласуваат дека овие случаи се „исклучително ретки“ во однос на бројот деца родени од донорска сперма.
Сите стручњаци посочуваат дека користење на лиценцирана клиника значи многу посеопфатни проверки отколку кај просечен биолошки татко.
Пејси додава: „Ако спермата е увезена, сосема е легитимно да се праша колку пати веќе била користена“.


