Специјалистите пензионери ќе бидат „гума за спасување“ на здравството за да не потоне
Дефицитот на специјалисти и супспецијалисти во Македонија, особено во градовите од внатрешноста, ќе го „крпат“ докторите пензионери. Најновите предложени измени на Законот за здравствена заштита што се објавени за јавна дискусија на ЕНЕР, покажуваат дека за некои гранки во медицината работата е дојдена „нож до коска“ поради децениско непланирање во областа на потребните специјалистички кадри во државата. Во земјава има само четириесетина онколози, недостигаат анестезиолози и патолози. Ова не се единствените кадри од специјалистички гранки со коишто кубури јавното здравство, но „гумата за спасување“ додека да се создадат нови кадри ќе бидат возрасните специјалисти и супспецијалисти кои наместо да уживаат во пензионерските денови, ќе спасуваат пациенти.
Препорачано

Со измените во Законот се предвидува специјалист или супспецијалист од гранка што е дефицитарна, за која нема кадар, да може да работи до 70 години наместо до досегашните 67. Директорот на здравствената установа што е без кадар ќе мора да бара дозвола од Министерството за здравство пензионерот да продолжи да работи. Директорот ќе мора да докажува дека без него целата гранка во болницата ќе замре. Потоа ќе добие дозвола од Министерството и од Фондот и докторот ќе може да продолжи да лекува до 70 години. Секако, ќе мора да се поклопат коцките и од аспект на тоа самиот да се согласи да работи, а ангажманот е предложено да се одвива со договор, додека истиот ќе ја прима и пензијата.

Додека пензионерите го лекуваат болниот здравствен систем, со измените на законот се прави обид да се спастрат специјализациите и да се воведе ред, затоа што Владата со нив е предвидено да прави програма за специјализации и да се види каде е потребен кадар и од каква област.
Според предлог-законот, ако сака да запише приватна специјализација или супспецијализација, докторот освен што ќе си ја плати од сопствен џеб, ќе мора да избере област во којашто кадарот е потребен и дефицитарен. Запишувањето на приватна специјализација според измените во законот, ќе мора да биде во согласност со четиригодишна програма за потреба од специјалистички и супспецијалистички кадри што ќе ја носи Владата на предлог на Совет за специјализации кој пак ќе го формира министерот за здравство. Досега планот за специјализации го носеше самата високообразовна установа.
За специјализациите со кофинансирање, се менуваат и критериумите за тоа кој кандидат е најдобар – имено, стручниот тест носи 45 бода, а познавањето англиски само 5 бода (досега познавањето странски јазик носеше 15 бода). Просечниот успех од сите предмети на прв циклус на високо образование досега носеше 50 бода при вработување, ама со новиот Закон ќе „вреди“ помалку – 40 бода. Стручниот тест при вработувањето наместо досегашните 35 поени ќе носи 45, што значи дека фокус за тоа кој е најдобар е ставен баш на овој тест.
Со измените на Законот се посветува внимание на досега игнорираните најдобри студенти на медицинските факултети во Македонија. Оваа идеја беше предложена уште во времето кога министер за здравство беше Арбен Таравари, а „црно на бело“ реализација доживува сега. Во изменетиот Закон за здравствена заштита се предлага секој декан на државните медицински факултети секоја година да доставува список во Министерството за здравство на најдобрите по успех дипломирани доктори по медицина. Ако тие аплицираат да се вработат во јавна здравствена установа, тогаш ќе мора да бидат примени без дополнителна селекција. Вкупно се работи за 12 доктори годишно од сите медицински факултети, но најмногу ќе предлага скопскиот (вкупно 5) бидејќи таму се запишани најмногу студенти.

По бројните критики и тужби од здравствени работници, затоа што иако беа прворангирани на огласите за вработување извисуваа, а вработувани наместо нив беа 10 полошо рангирани кандидати, Министерството за здравство предлага измени и на процесот за вработување. На директорите веќе две недели со закон им е одземено дискреционото право да го бираат тој доктор што им се допаѓа и мора да го вработат прворангираниот. Но, дополнителните измени во Законот за здравствена заштита ќе овозможат поголема транспарентност – повеќе луѓе да го видат огласот зашто тој наместо 5 дена ќе трае 15 дена и ќе мора да се објавува на сајтовите на Агенцијата за администрација, на Агенцијата за вработување и на сајтот на јавната здравствена установа.
Заради појавите на огласите за вработување да не се вработуваат најдобрите кандидати, се предлага Комисијата за селекција да не ја предлага директорот како што беше досега, туку стручниот колегиум и тоа за секое огласено работно место посебно.
Самата постапка за вработување ќе се спроведува во три фази и тоа административна селекција, прелиминарна селекција и интервју, а комисијата за селекција ќе биде составена од редот на здравствените работници вработени во установата од областа за која се врши селекција.
Докторите што завршиле Медицински факултет и сакаат да специјализираат, повеќе нема да мора како услов за специјализацијата да имаат 6 месеци стаж во Здравствен дом или во друга здравствена установа. Министерството за здравство предлага да се отстрани овој стаж како „непотребен“, бидејќи времетраењето на студиите е доволно долго. Новина во предлог измените е што прегледите и интервенциите што ги вршат постарите специјализанти задолжително ќе мора да се евидентираат во „Мој Термин“ на нивно име, после што задолжително ќе се одобруваат и потпишуваат од менторот.

Со предложените измени се забранува преземање во здравствена установа на терциерно ниво на здравствен работник кој е вработен во здравствена установа на примарно или секундарно ниво.
Се крати надоместокот на членовите на Националната комисија за имунизација. Досега во месеците кога имаа барем еден одржан состанок добиваа надоместок од 70 проценти од просечната месечна плата. Сега надоместокот се намалува – на 10 проценти од просечната месечна плата.
Во делот за казните што досега не постоеа, се додаваат три нови ставки. Глоба ќе плати и директорот и самата јавна здравствена установа ако овозможи да работи доктор без лиценца или без обновена лиценца. Таков беше случајот на Клиниката за неврологија, каде кога проциркулира видео-материјал од професор како меша бела прашкаста матераја, се отвори и прашањето дека не ја обновил лиценцата а прегледувал пациенти. Казна се воведува и ако здравствената установа не ги уплати парите за специјализацијата на факултетот каде што учи докторот што го финансираат и ако не му плати на менторот и на Медицинскиот симулациски центар во законскиот рок.
За разлика од досегашната пракса, каде в.д. директор можеше да се бира неограничено, сега ќе може да се бира само двапати, по што Управниот одбор на клиниката ќе мора да именува вршител на должност директор.
Во Законот за здравствена заштита воопшто не се споменати медицинските сестри кои преку својата Унија со години бараат да добијат закон во кој посебно ќе се регулираат. Во исто време, Министерството за образование на ЕНЕР најави основање на Факултет за медицински науки и здравство во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола кој според најавите, ќе им овозможи на медицинските сестри и акушерки да имаат можност за академска кариера. МОН во предлогот тврди дека ова е стратешка неопходност за унапредување на здравственото образование особено во Пелагонискиот и Југозападниот регион.
Во рамките на високообразовната дејност, на Факултетот ќе се изведуваат академски четиригодишни студиски програми за медицинска сестра, акушерка и медицински биохемичар, како и стручни тригодишни студиски програми за медицинска сестра/техничар, акушерка, медицинско-лабораториски аналитичар, радиолошки технолог, физиотерапевт и санитарен инженер.
Факултетот се планира да врши високообразовна дејност од областа на медицината и здравството на ниво на додипломски, постдипломски, специјалистички, субспецијалистички и докторски студии, како и научно-истражувачка и применувачка дејност. Со работа ќе почне од академската 2026/2027 година.


