Спасовски: Полицајци има доволно на протестите, уапсен е напаѓачот со пиштол и момчето кое фрли молотов коктел
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски смета дека на вчерашните протести имало доволно полициско присуство за да биде спречен инцидент од поголеми размери откако кај споменикот Скендербег вчера во пресметката со камења и шишиња меѓу демонстраните од „Ултиматум, не благодарам“ и група Албанци од Чаршијата, еден од нив, подоцна идентификуван како брат на директорот на скопска„Комунална Хигиена“ впери пиштол кон толпата што протестираше и пукаше во воздух. Полицијата го уапси на самото место.
Полицијата ги спречи инцидентите и тоа поголем број на полициски службеници. Погледнете ги видеата кои беа објавени од медиумите. Ќе ви покажам една слика, зарем ова не е интервенираање на лице место. Да, не треба да дојде до ова секако. За да не дојде до ова секој еден граѓанин мора да знае дека мирни протести мора да бидат. На никого не му е дозволено да вади огнено оружје и да загрозува безбедност. На ниту еден граѓанин во државата. Ве молам немојте да оправдувате вадење оружје во јавност. Апсолутно можеше да дојде до поголеми последици. Затоа апелирам и до граѓаните и до политичките субјекти и сите кои учестуваат на протестите да бидат на мирни протести. Вандализмот и насилството нема да даде резултати во ниту еден случај, дециден е Спасовски.
На директно прашање дали ќе си поднесе оставка за пропустите на полицијата при насилните протести, повтори дека од полициска страна се било обезбедно.
Одговорив веќе на ова прашање, таму имаше доволно служби и полициски службеници и не дозволија да се случи било каков инцидент. Полициски службеници имаше доволно. Не рековме дека немало инцидент. Спречивме инцидент од поголеми размери. Да немало полиција немаше да има ниту уапсени ниту реакција на полицијата, нагласи министерот и додаде дека не може да се бара одговорност од оние кои спречуваат да дојде до инцидент.
Оперативни сознанија за можни инциденти, според него, има секаде каде што се движат или престојуваат протестантите.
Врз основа на сите планови и проценки кои се направени, таму не се дозволи да има инцидент. Никој не можеше да очекува да се случи тоа што се случи. Никој не очекуваше завчера дека пред собрание ќе се случи тоа што се случи, дека ќе бидат повредени 47 полицајци. Најави за инциденти додовме од оперативните сознанија што ги имавме. Тој што фрли молотов коктел на собранието веќе е уапсен, рече министерот
„Станува збор за Ј.С.(18) од Скопје, кој беше идентификуван од снимката и кој го призна делото“, објави потоа Спасовски на Фејсбук.
Дека имало доволно полициско присуство на протестот, потврди и директорот на БЈБ Сашо Тасевски,.
Имаме доволно полицајци. Случајот што беше насилен полицајците го спречија. Претходниот ден што рековте за инцидентот не бил пријавен во полициска станица. Штабот ќе направи безбедносна проценка и ако процени ќе има доволно обезбедување и вечерва, рече тој.
Во врска со алармот што го покрена синоќа Мицкоски дека против него биле упатени закани со пиштол, Спасовски нагласи:
Досега немаме пријава во ниту една полициска станица закани против Христијан Мицкоски. Имаше момементи во некој период претходно во кој и самиот побара да се направи проценка во делот на безбедноста. Му беше доделено обезбедување и кога тоа заврши таквата потреба – нема. Во секој момент може да пријави ако има безбедносна закана. Нема информација во овој момент дека некој сака да посегне по животот на било кој, дециден е Спасовски.
Дали протестите ќе ескалираат во поголеми меѓуетнички тензии како што во саботата најави и министерот за надворешни работи Бујар Османи доколку не се прифати францускиот предлог, Спасовски рече дека полицијата и натаму ќе врши безбезбносни проценки но останува и на политичарите да внимаваат на секој јавно изречен збор за да се спречат инциденти и насилство.
Секојдневно работиме во овој дел со безбедносните служби. Секако дека секој од нас треба да внимава во јавноупатените изјави во јавноста зошто сето тоа може да предизвикува одредени проблеми. Меѓутоа безбедносните служби мора да бидат на висина на задачата за да можат да ги превенираат и спречат евентуално било каквите настани кои би биле од безбедносен ризик, дециден е Спасовски.
Безбедносните служби ќе прават проценки и за вечерва најавениот протест пред Владата, МНР и Собранието па ќе се одлучи каков ќе биде распоредот на полициските службеници.
Кривични пријави по брза постапка и притвор за дел од насилниците пред Собранието
МВР во соопштение по пресот на министерот од Центарот за обука во Идризово, потенцираше дека за инцидентите пред Собранието во вторникот дополнително се уапсени уште четири лица, односно вкупно 15 со 11-те истата вечер. Тројца од нив се малолетни.
Сите се уапсени во врска со извршено кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело”, по чл. 385 од Кривичниот законик, сторено на 05.07.2022 година за време на граѓански собир пред Собранието на РСМ, при што беа повредени 47 полициски службеници.
Од страна на полициски службеници од Единицата за насилен криминал, по преземени мерки и активности, против 12 лица е поднесена кривична пријава во брза постапка.
Пријавените лица во текот на вчерашната вечер се изведени пред Судија на претходна постапка, од чија страна на едно лице му е изречена мерка притвор, а на седум лица мерка куќен притвор.
При инцидентите во вторникот беа оштетени и зградата на Собранието на РСМ, зградата на Владата, Министерството за надворешни работи, како и полициска куќарка, полициско возило и разни видови полициска опрема.