Спасеновски: Алтернатива бара спас по тешкиот пораз од ДУИ и од СДСМ
Република Македонија од 2001 година гради уставно-правен модел во кој: не постојат територијални решенија за етничките прашања; се унапредува и се штити унитарниот карактер на државата и постојано се унапредуваат правата на сите граѓани од сите етнички заедници во мултиетничкото македонско општество, вели во изјава за „Слободен печат“ Александар Спасеновски професот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ за предлогот на Алтернатива во Македонија да се формира заедница на албански општини.
Препорачано
„Барањето на Алтернатива за формирање на заедница на албански општини во Република Македонија по урнекот на српскиот случај во Косово претставува лош дисконтинуитет од овој консензуално прифатен модел. Овој потег е резултат на тесни-политички мотиви поврзани со потребата на Алтернатива да го спречи очекуваниот пад на партискиот рејтинг после тешкиот пораз во политичката битка на оваа партија со ДУИ и со СДСМ кој резултираше со исклучување од Владата“,вели Спасеновски.
Според професорот, унисоните реакции на осуда од страна на сите релевантни политички партии од власта и од опозицијата на барањето на Алтернатива е важен сигнал на однова реафирмација на воспоставениот политички и етнички консензус со Рамковниот договор во 2001 и со уставните измени што следуваа.
„Фактот дека сé уште оваа суптилната сфера на меѓуетничките односи се (зло)употребува за тесногради политички цели, говори за потребата од натамошна забрзана еволуција на политичката култура и на вкупните демократски стандарди во државата“, вели Спасеновски.


