СП 2022 | Јовановски: Мароко не е изненадување, сите четвртфинални дуели ќе бидат неизвесни

Фудбалската репрезентација на Мароко на СП 2022/фото: EPA-EFE/Rungroj Yongrit

Осум репрезентации се во трка за титулата на Светското првенство во Катар, а четвртфиналните натпревари ќе се играат на 9 и 10 декември.

Актуелниот светски шампион Франција ќе игра во сабота од 20.00 часот против Англија, а претходно од 16.00 часот Мароко за противник ја има Португалија.

Еден ден порано, в петок Хрватска од 16.00 часот ќе игра против Бразил на кој обложувалниците му даваат најголеми шанси да стигне до пехарот, а од 20.00 е мечот ХоландијаАргентина.

Дефинитивно, сега следува она вистинското, тешко може да се прогнозира кој би можел на крајот да стигне до посакуваната цел, а така во својата анализа за веб порталот на „Слободен печат“ размислува и поранешниот македонски селектор, Ѓоре Јовановски.

Според нашиот фудбалски стратег се покажува дека фудбалерите од физичка гледна точка на ова СП се најдобро подготвени и дека сите натпревари до сега на СП беа на високо ниво.

– Дефинитивно се потврдува дека ова ќе биде едно од најквалитетните светски првенства, затоа што се игра во средина на шампионатите, а не по крајот на сезоната. Фудбалерите во топ 5 европските шампионати после 50-60 натпревари се заморни, а сега мислам дека од физичка гледна точка се најдобро подготвени. Гледаме еден неизвесен Мундијал, уште еден доказ дека тренинзите се одвиваат на високо ниво во сите земји. А тоа најдобар начин го докажаа и Саудиска Арабија, и Мароко, и Тунис..Ваквите репрезентации порано беа за поправање на гол-разликата, но гледаме дека на ова СП дадоа голем отпор – ни изјави Јовановски.

Мароко според многумина е изненадување на овој Мундијал, останува да се види дали нивната „бајка“ ќе продолжи и по мечот со Португалците.

– Точно е тоа дека меѓу овие осум репрезентации Мароко за некои е изненадување, но кога ќе видиме дека нивните фудбалери играат во најдобрите европски лиги, за мене не е изненадување, затоа што со своите игри тоа и го докажа. Сите натпревари во четвртфиналето ќе бидат неизвесни, на ниту еден меч не може да се каже дека некој е аутсајдер. Мароко не може да биде аутсајдер кој ја исфрли Шпанија од Мундијалот. Не може да се каже со сигурност кој може да биде полуфиналист. Сите осум репрезентации имаат квалитет. Верувам дека и натаму ќе гледаме еден добар и квалитетен фудбал на Светкото првенство – вели Јовановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот