Сопственикот на „Беса транс“ за БНТ: Зошто не бев во тој автобус, да умрам и јас

Сопственикот на туристичката агенција „Беса транс“, Беким Хаџиу, за првпат откако се случи страотната несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија, проговори за деталите околу патувањето и автобусот кој изгоре, при што загинаа 45 луѓе.

Хаџиу вели дека автобусот бил на технички преглед пред патувањето во Турција и дека бил целосно исправен. Тој ја исклучува можноста некои од патниците да внеле лесно запаливи материи. Потврдува дека тој и неговото семејство биле дел од патувањето и дека патувале со другите автобуси.

Сопственикот на агенцијата вели дека досега не зборувал за медиумите поради тоа што бил во шок, но и дека во меѓувреме соработува со истражните органи за да се откријат причините за несреќата.

„Си реков: зошто и јас не бев во тој автобус, да умрам и јас во автобусот. Многупати го помислив тоа“, вели Хаџиу за БНТ.

Запалениот македонски автобус во Бугарија
Запалениот македонски автобус во Бугарија/ Фото EPA-EFE/VASSIL DONEV

Тој вели дека со семејството често патувале на турите кои ги организирале, а така било и овој пат. Тој и сопругата патувале во првиот автобус, а неговите деца биле во еден од другите автобуси. За страшната несреќа разбрал на границата, на излегување од Бугарија.

„Им реков да ме однесат до местото, да видам со свои очи што се случило таму“, вели Хаџиу.

Со такси, тој се вратил до местото на несреќата, каде останал неколку часа. Автобусот бил на технички преглед три недели пред несреќата, а пред секое патување, секое возило одело на сервис, вели Хаџиу.

„Пред да тргнеме за Турција им правиме сервис, контролираме, а дури и кога ќе стигнеме во Истанбул, и таму одиме на сервис, превезуваме патници, да видиме каква е ситуацијата. Сѐ беше во ред и на патот натаму и кога бевме на сервис таму. Кога има нешто, ни велат веднаш да го поправиме“, вели Хаџиу.

Тој негира дека туби со нелегално внесено гориво биле ставени во автобусот. Поради строгите проверки на бугарските граници, ја исклучува и можноста некој од патниците да внесол запаливи средства.

Запалениот македонски автобус во Бугарија /
Запалениот македонски автобус во Бугарија / EPA-EFE/VASSIL DONEV

„Туби има во секој автобус, тие се со вода, секој автобус треба да ги има, за секој случај. Тоа е резервна вода. Има строги контроли при влез во Бугарија, багаж, возач, сето тоа што се пренесува“, вели тој.

Хаџиу ги опиша шоферите на автобусот како добри, искусни професионалци, кои многупати го поминале тој пат, а секогаш ги запазувале термините за одмор. Автобусот имал фабричко ограничување и не можел да оди побрзо од 100 километри на час. На прашањето дали автобусот ги имал сите неопходни документи, Хаџиу и неговиот адвокат велат дека сега нема да коментираат, затоа што истрагата трае.

„Можеме категорично да кажеме дека фирмата „Беса транс“ поседува лиценца за изршување на транспортна дејност на територијата на Европа и за извршување туристичка дејност во и надвор од Република Северна Македонија“, вели адвокатот на Хаџиу, Љубомир Таков.

Од моментот на несреќата Хаџиу е во Бугарија, каде нашол место за престој, за да им биде на располагање на истражителите и да помогне. Вели дека им стои на располагање и на семејствата на настраданите, со кои неговото семејство било во контакт.

„Никој не сакаше ова да се случи, тоа сите го знаат. Таква трагедија на никој да не му се случи, тажна, многу тажна трагедија. Не знам што повеќе да кажам“, вели сопственикот на „Беса транс“ за БНТ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот