Ден Бернард и Сиа на премиерата на филмот „Приказна од западната страна “ („West Side Story“) / Фото: VALERIE MACON / AFP / Profimedia

Сопругот на Сиа ѝ бара издршка од 215 илјади евра месечно: „Немам ништо, а таа живее во луксуз!“

Оттуѓениот сопруг на австралиската пејачка Сиа (49), Даниел Бернард, поднел барање до судот за неверојатни 215 илјади евра месечно издршка, плус дополнителни средства за покривање на правните трошоци околу нивниот развод.

Според документите до кои дошле порталите „Ти-ем-зи“ и „Ју-ес викли“, Бернард бара Сиа да ги покрие најмалку 300 илјади долари трошоци за неговиот адвокатски тим и уште 200 илјади долари за сметка на форензичен сметководител кој ќе ја анализира нивната финансиска состојба.

„Немам приходи, немам недвижности, немам пензиски фонд и имам многу малку пари на сметка. Не можам да го водам овој процес без значителен финансиски придонес од Сиа“, стои во неговата писмена изјава поднесена до судот, во која дополнително бара да се „израмнат условите“ во постапката.

Бернард тврди дека е невработен од 1 април, кога од фирмата на пејачката добил известување за прекин на финансирањето на нивниот заеднички бизнис „Модерн Медисин“, што го опфаќало и неговото работно место. Тој по професија е радиолог и, според американските медиуми, пред бракот работел во струката, но дал отказ по барање на Сиа. Како што вели, единствен извор на приход му биле уплатите што таа редовно ги правела, но тие наводно престанале на 1 октомври.

Во барањето доставено до судот, Бернард наведува дека за време на 26-месечниот брак живееле раскошно – во куќа од 900 квадрати во Толука Лејк, Лос Анџелес. Имале околу десетмина вработени, меѓу кои батлер, лични готвачи, стилист, две масерки, ИТ-стручњак и жена која се грижела за работите околу домот. Според неговата проценка, нивните месечни трошоци за живот изнесувале меѓу 350 и 450 илјади евра. Богатството на пејачката, која е и успешна претприемачка, годинава се проценува на повеќе од 30 милиони евра.

Сиа ретко го спомнувала Бернард, дури и на социјалните мрежи.

Во март таа поднела барање за развод, наведувајќи како причина „непомирливи разлики“. Двојката има едно заедничко дете по име Сомерсолт Вондер Бернард – полот никогаш не бил откриен, а го родила сурогат-мајка минатата година.

Во барањето, Сиа побарала законско и физичко старателство над детето, но изразила подготвеност Бернард да има право на посети. Истовремено означила во формуларот дека бара да се укине можноста за доделување брачна потпора на нејзиниот сопруг, иако тоа не го спречило тој да поднесе сопствено барање.

Покрај 18-месечното дете, Сиа има и двајца посвоени синови. Таа ги посвоила во 2020 година, кога имале по 18 години. Момчињата претходно минале низ 18 различни згрижувачки семејства, а по полнолетството останале без дом, што ја потресло пејачката кога гледала документарец за системот на згрижување. Наскоро потоа, таа станала и баба – еден од нејзините посвоени синови добил близнаци со својата свршеница.

Ова ѝ е втор развод – првиот брак ѝ беше со режисерот на документарни филмови Ерик Андерс Ланг, со кого била во брак од 2014 до 2016 година. Тие сакале да имаат деца и се подложиле на третман за неплодност, но без успех.

„Тоа беше толку мрачен период што три години ги поминав во кревет, навистина, навистина тешко депресивна. Не можев ништо да правам во тој период“, изјавила таа подоцна во разговор за „Епл мјузик“.

Сепак, изгледа дека овојпат не ја снајде истата судбина – во јули била фотографирана во прошетка со австралиската ријалити ѕвезда и поткастер Хари Џоуси (28), со кого нежно се држеле за рака и изгледале многу расположено.

ФОТО | Сакав да се убијам, им се вратив на пороците: Славната пејачка шокираше

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот