Софија ќе признае македонски јазик и идентитет ако Скопје признае бугарски темели на јазикот и идентитетот

Знаме на РСМ и Република Бугарија / Фото: Архива на Слободен печат

На завчерашниот состанок на амбасадорите на ЕУ во Брисел е постигнат некаков компромис за да почне првата меѓувладина конференција меѓу Европската Унија и Македонија, а Бугарија се согласила на тој „компромис“. Ова во изјава за „Политико“ го тврди висок дипломат на ЕУ.

Според „Политико“, постигнатиот компромис изгледа вака: „Бугарија ќе го признае македонскиот јазик како еден од официјалните јазици и ќе го признае македонскиот идентитет. За возврат, Северна Македонија ќе треба да ја признае ‘историската вистина’, како што е дефинирана од Софија и треба да признае дека има бугарски темели врз кои е создаден каков било македонски идентитет и официјален јазик“.

Пендаровски и Заев: Нема отстапки од црвените линии

Претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев, по денешмата седница на Советот за безбедност, изјавија дека немаат никаква информација за тоа што го објави „Политико“, ниту дека нешто е дебатирано на таа тема или пак, дека е постигнат некаков договор.

– Ставот наш е познат, нема никакви отстапки од националните државни интереси и нема преговори за нашиот идентитет и нашиот јазик. И кога преговаравме со Грција, никогаш не биле доведени во прашање македонскиот јазик и идентитет. Тие се нашите црвени линии – дециден беше шефот на државата.

Премиерот Заев нагласи дека нема никаков анекс и никаков нов договор со Бугарија.

– Грција го призна нашето право на самоопределување. Бугарија е пријателска земја и таа ја признава реалноста, зборува за македонскиот јазик и за македонскиот народ. Водиме грижа еден за друг низ разговорите, така се гради пријателството. Ги охрабрувам комисиите да продолжат со работа во духот на пријателството. Според она што го прочитав што го објави „Политико“, има добра вест, дека ќе се одржи Меѓувладината конференција, за другите детали ќе почекаме да ги видиме. Факт е дека имаме заедничка историја и ако сме паметни ќе ја искоритиме како убава можност да постигнеме договор – рече Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот