Социлогот Ацевски за Слободен печат: По коронакризата очекувам формирање на критична маса која ќе побара нова прераспределба на материјалното богатство

Во перодот по коронавирусот ќе се искристализира недореченоста околу тоа дали ќе се формира една критична маса на граѓани која ќе побара нова прераспределба на материјалното богатството, вели социологот Илија Ацевски во разговор за Слободен печат. Универзитетскиот професор во пензија смета дека таквото барање би било во функција на заштита и гаранција дека секој од нас има право на нормален живот.

Се почесто се слуша фразата дека ништо нема да биде како порано. Професоре Ацевски колку има вистина во реченото?

– Има едно убедување кое веќе влезе во поширока употреба, a тоа е дека општеството, заедниците, односно светот, нема да бидат истите како пред корона периодот. Сите зборуваат дека нешто суштински ќе се промени. Што е тоа? Тешко дека ќе може да се каже во неколку реченици. Но, тој факт е тука, дека ова што се случува е период на една длабинска револуција, на еден специфичен начин.

Зборувате за длабинска револуција? Дали сепак таа е можна со оглед на тоа дека некои состојби, дома па и во светот, многу тешко се менуваат?

– Ако оваа глобализација сите ја доживуваме, или ја доживеавме како светот да е едно, кризата со коронавиурсот тоа само го потврди. Но би рекол, го потврди на еден многу негативен начин, некако ги поремети, ги измести во голем дел вредностите во кои човештвото верува/ше. Сега последиците од таа состојба се многу поразителни. Тука ја гледам таа радикалност на промените.

Претпоставувам дека како социолог кога зборувате за радикалност на промените мислите на радикалност во социјалните односи?

– Да, јас како социолог потенцирам, дека промената која ја предизвика заразата, ќе предизвика порадикално гледање во социјалните односи. Тука пред се мислам на промена на светот кој е поделен на многу богати и на многу сиромашни луѓе. Или, уште поконкретно, мал број на луѓе го контролира, бидејќи поседува најголем дел од имотот/сопственоста во светот. Дали тоа ќе предизвика, како што сметаат дел од економистите, разумност во распределување на вредностите на пазарот, на доходот, во економска смисла? Следствено на тоа се наметнува и второто прашање. Дали ќе се создаде потреба од силни механизми во државите кои ќе почнат да контролираат се, па дури и нашите животи. Тоа може да има изразито негативни последици. На овие прашања одговорот го очекувам многу брзо во периодот што следи, бидејќи како што веќе реков, станува збор за една непредвидлива противречност, состојба која што не сме ја имале претходно.

Ќе ни објасните ли поконкретно на што мислите?

– Ние сме луѓе, а секој човек е личност. Коронапериодот веќе предизвика многу силен удар. Ајде да речам масите веќе сфатија дека нема ништо повредно од човековиот живот. Очекувам во наредниот период секој од нас поединечно да извлече поука дека треба да почне многу повеќе да се грижи самиот за себе. Уште очекувам дека некои правила и норми кои до вчера имаа одредена вредност да се изгубат. За тоа зборувам. Во едно демократско општество како нашето потребни се нови механизми, нови правила во системот, поинакви од досегашните, пред се да бидат во поголема служба на обичниот граѓанин. Зборувам за такви радикални промени бидејќи еден ден секој од нас може да се најде во незавидна ситуација.

Дел од економските експерти навестуваат поголема сиромаштија кај граѓанте и на локално и на глобално ниво?

– Ако се остварат некои лоши предвидувања, па дури тие да бидат и во многу мал процент, тоа ќе биде застрашувачко. На пример, дел од економистите сметаат дека по коронапериодот ќе имаме уште поголемо осиромашување на популацијата. Еве јас како ученик на постарата школи, очекувам формирање на една критична маса која ќе побара една нова прераспределба на материјалното богатство, би рекол не само кај нас, туку во светот. Ова го зборувам, бидејќи ваквиот расплет би бил во функција на заштита и гаранција на тоа дека секој од нас има право на нормален живот. И на локално и на глобално ниво „нормална“ егзистенција подразбира, човекот да не се бори за елементарни основни средства за живот, туку секој од нас да ги има без разлика каде живее на земјата. Тоа е уште таа недореченост за која не знаеме како ќе заврши.

Каква поука, пред се како луѓе, треба да извлечеме од оваа здравствената криза предизвикана од Ковид 19?

– Мислам дека ние веќе извлековме поука. А таа е дека во понатамошното живеење мораме да ги заостриме критериумите на сопствената егзистенција врз правила и норми кои ќе ни гарантираат еден нормален живот. Мислам дека се помалку ќе веруваме во лажни, особено во политички авторитети кои пред се манипулираат со свеста на обичниот човек. Тука гледам дека коронавирусот, кај повеќето граѓани веќе ја трансформира таа индивидуална перцепција. Мислам дека сега многу полесно ќе почнеме да препознаваме кој со нас манипулира, кој тоа го користи за сопствен интерес и за сопственото богатење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот