Сочувство од Пендаровски, Заев и Стефоска за смртта на актерката Сабина Ајрула Тозија

Сабина Ајрула Тозија фото МИА

 Претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и министерката за култура Ирена Стефоска, преку социјалната мрежа „Фејсбук”, изразија жалење и сочуство за смртта на актерката Сабина Ајрула Тозија.

Претседателот Пендаровски на својот профил истакна дека смртта на Сабина е голема загуба за македонската драмска, филмска и културна сцена, но, дека споменот за неа ќе продолжи да живее меѓу публиката, драмските уметници, режисери и продуценти.

-Ми беше голема чест што Сабина ја прифати мојата покана да биде член на Комисијата за одликувања и признанија на Претседателот на Република Северна Македонија. Нека почива во мир, напиша тој.

Според премиерот Заев, Сабина заслужува вечен аплауз и длабок поклон за нејзиниот артистички оган со кој им вдахна животворен дух на стотина театарски, филмски и телевизиски ликови, кои засекогаш ќе бидат запаметени.

-Со огромно жалење ја примив веста за заминувањето на една од нашите најпознати актерки и доајен на театарската уметност во земјава. Сабина Ајрула Тозија си замина од сцената, оставајќи маркантни траги на театарската сцена кои се инспирација за сите генерации после неа, стои во објавата.

И министерката за култура изрази жалење, со потсетување дека Сабина е ретка ѕвезда на нашите простори која има стигнато до грандиозните турски продукции.

Актерката Сабина Ајрула Тозија е родена во Скопје на 17 април 1946 година. Почина вчера на 75- годишна возраст. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот