Собраниската блокада ќе продолжи со втор и трет чекор – по улиците?

Фото: МРТВ/принтскрин

Сè што не е од интерес за граѓаните, ние ќе го блокираме во Парламентот, како прв чекор. Во понеделник ќе имаме седница на Извршниот комитет и ќе отвориме дискусија за вториот и за третиот чекор. Ова е стратегија што многу ќе трае, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Нема да бидат блокирани оние законски решенија кои се од интерес на граѓаните, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изминатиот викенд, но дополни дека остануваат на ставот да се блокираат сите закони кои ги смета за штетни. Најголемата опозициска партија на 10 мај започна со „активната блокада” како што го нарече бојкотот на работата на Собранието.

На денешната седница на Извршниот комитет, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги тразгледа следните чекори што ќе ги преземе партијата. Ова е стратегија што ќе трае, нема да биде инстант акција, истакна Мицкоски.

– Сè што не е од интерес за граѓаните, ние ќе го блокираме во Парламентот, како прв чекор. Во понеделник, ќе имаме седница на Извршниот комитет и ќе отвориме дискусија за вториот и за третиот чекор. Ова е стратегија што многу ќе трае. Нема да биде инстант акција која што ќе заврши денеска или утре. Не очекувам дека луѓето туку така ќе ја напуштат фотелјата – изјави Мицкоски.

Ковачевски: Собранието функционира и покрај бојкотот на дел од опозицијата

Собранието функционира, и покрај бојкотот на дел од опозицијата, децидна е власта по ова прашање. Премиерот Димитар Ковачевски потсети дека на собраниската седница во четвртокот бил усвоен дневниот ред, а во петокот на собраниска Комисија и кандидатите за нови судии во Уставниот суд. Според него, несериозно е да се бојкотира Собранието во услови на најголема светска енергетска криза и ги повика сите пратениците да покажат одговорност.

– Во такви услови, секоја политичка партија треба да биде одговорна и да го даде максимумот за да се носат закони кои го олеснуваат секојдневниот живот на граѓаните. Не постојат закони кои не влијаат на општествените процеси во позитивна смисла и не може Собранието да се смета за супермаркет каде некој ќе одлучува кој закон ќе помине, а кој нема да помине – потенцираше Ковачевски.

Премиерот ги оквалификува како неточни тврдењата на опозицијата дека нема да блокира носење закони што се во интерес на граѓаните, посочувајќи ги како пример предложените измени на законот со кои треба да се овозможи исплата на субвенции за тутунарите.

– Средствата се обезбедени во Буџетот. Секоја година се прави измена во Законот. Тоа е техничка измена која Собранието веднаш ја одобрува. Во овој момент, на дневен ред на Комисијата за земјоделство, која ја води пратеник од опозицијата, тој закон не се става на седница. И оттука може да се види дека опозицијата нема никаква намера да не блокира закони коишто значат подобар живот на граѓаните – рече Ковачевски.

Богоев: Мицкоски е прилично уплашен за сопствената политичка судбина

Мицкоски е прилично уплашен за сопствената политичка судбина, напиша потпретседателот на СДСМ Стефан Богоев на својот Фејсбук профил. Како причина за тоа го наведе стравот од можен почеток на преговорите со ЕУ којшто би одел на конто на СДСМ и коалицијата.

– Блокада на виталните државни институции би било алиби за Бугарија да не го крене ветото и обид за политичка дестабилизација на државата од која Мицкоски сака политички да профитира – напиша Богоев.

Богоев смета дека Мицкоски се плаши да не ја загуби својата позиција во партијата, односно „од свооите“. Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ истовремено имаат и високи партиски позиции, напипа Богоев, посочувајќи ги потпретседателот Тимчо Муцунски и претседателот на Градскиот комитет Орце Ѓорѓиевски.

– Концентрацијата на моќ во вакви случаи е поголема од моќта на некој кој е само претседател на партија  – смета Богоев.

Поранешниот градоначалник ба Карпош укажува и на недостигот од резултати на локално ниво.

– Првите шест месеци ви се меден месец и граѓаните најчесто имаат разбирање за работите кои сте ги ветиле, а не сте ги реализирале сеуште. Но после тие 6 месеци, ќе наидете на огромна критика и притисок да го реализирате ветеното, а кога тоа го нема, разочарувањето е огромно. Соочен со крајно неспособни градоначалници, особено градоначалничката на Скопје, која исто така не му е под контрола и го критикува каде стигне, Мицкоски брза со избори додека граѓаните не им се навртеле на неговите градоначалници – тврди Богоев, објаснувајќи ја со овие фактори потребата од константни барања за избори.

БЕСА не бара предвремени избори

Ние нема да бараме избори, изјави за Радио Слободна Евроа лидерот на опозициската БЕСА, Билал Касами.

– Ние нема да навлегуваме со барање за избори, па да создаваме дополнителни проблеми за државата и граѓаните. Но наше барање е дека мора да имаме дополнителни механизми за контрола на владата. Во ситуацијата во која е Балканот поради војната во Украина не е време да се организираат предвремени, но мора да се договориме да се создадат дополнителни механизми за да се заштитиме од корупција од високо ниво – вели Касами.

Тој додава дека во делот на предизборната соработка немаат догогор со никого.

– Тоа што го договоривме предизборно воопшто не се реализираше кога бевме дел од владата и затоа излеговме. Затоа ние повеќе ќе се потпираме на нашите партиски капацитети – вели Касами.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот