Собрание Фото: Принтскрин

Собранието им оддаде почит на загинатите половина месец по трагедијата

Барам образложение зошто Собранието одлучи да не работи уште една недела по неделата на национална жалост. Институциите се должни да работат и во ситуација на вонредна состојба. Ако се навраќаме наназад, во архива ги има сите снимки за пристапот на Собранието при трагедии, рече пратеникот и експретседател на Собранието, Талат Џафери.

Со едноминутно молчење, Собранието конечно, половина месец по трагедијата во Кочани, се состана и им оддаде почит на загинатите 59 млади во дискотеката „Пулс“. Откако две недели немаше седници ниту на една комисија, ниту пленарна седница, пратениците се вратија во собраниските клупи со набиена агенда за носење закони по скратена постапка.

Пратеникот и експретседател на Собранието Талат Џафери побара образложение зошто Собранието не работеше две недели по трагедијата.

Талат Џафери Фото: Принтскрин

– Прво, да оддадам почит за ужасната трагедија во Кочани. Барам образложение зошто Собранието одлучи да не работи уште една недела по неделата на национална жалост. Институциите се должни да работат и во ситуација на вонредна состојба. Ако се навраќаме наназад, во архива ги има сите снимки за пристапот на Собранието при трагедии – рече Џафери.

Тој не доби одговор од претседателот на Собранието Африм Гаши.
Народните избраници, и покрај критиките на јавноста за неработењето, тврдат дека работеле и не биле на одмор.

Пратеникот Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ, при предлагањето измени на Законот за јавен ред и мир, рече дека ВМРО-ДПМНЕ во изминатиов период работела неуморно за да има квалитетни закони, да нема импровизации и да нема повеќе несреќи.
Пратеничката на СДСМ Јована Тренчевска истакна дека не е вистина дека Собранието две недели било на одмор. Таа рече дека пратениците работеле, само Собранието и работните тела не одржувале седници.

 

– Собранието две недели немаше седници, меѓутоа еве и јас, но и многу други колеги од сите политички партии, бевме во Собранието и имавме и средби со граѓаните и работевме на тоа што значи креирање политики, нови предлог-закони и сè она што е дел од нашите обврски. Онаа теза дека сме биле на одмор, не е вистинита. Не бевме на одмор, туку едноставно само Собранието немаше закажано седници на Собранието и на работните тела – рече Тренчевска.

Јована Тренчевска СДСм Фото: Принтскрин

По трагедијата во Кочани, Собранието прво одлучи да не работи една недела, во деновите на жалост, а потоа претседателот на Собранието Африм Гаши, заедно со потпретседателите и шефовите на пратеничките групи, се договорија да не работат уште една недела „поради почит кон жртвите и семејствата на загинатите и повредените“. Ова предизвика жестоки реакции во јавноста – дека Собранието во најтешките моменти ги остави и им сврти грб на граѓаните.

Петковски: Собранието да се самораспушти, во најтешкиот момент ги напушти граѓаните

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот