Со врескање против стрес – клубови каде што луѓето се собираат за да врескаат, се вистински хит во САД
Во Соединетите Американски Држави сè попопуларни стануваат клубовите во кои луѓето се собираат за да врескаат, што претставува вид терапија и начин за справување со стресот.
Препорачано
Од „Скрим клаб“ во Сиетл за „АП“ споделија како изгледаат сеансите и што значат за учесниците.
Со потресен крик што извираше од целото нејзино тело, Амбер Волкер им се придружи на десетина луѓе кои во Западен Сиетл врескаа и ги пуштаа своите фрустрации да исчезнат.
Тоа беше само почеток. Двата групни врисоци што следеа, секој подолг и поинтензивен од претходниот, ѝ помогнаа да ја исфрли болката од неодамнешната загуба на работа. Дополнителниот стрес од одгледувањето на две мали деца почна да се топи, мешајќи се со звукот на брановите, а врз неа се спушти длабоко чувство на смиреност.
– Имав толку силно чувство на приземјеност. Во истиот момент, сите ваши сетила се засилуваат – изјавила Волкер.
Еден септемвриски ден беше првото собирање на огранокот на „Скрим клаб“ во Сиетл, еден од 17-те што се појавија за помалку од една година низ САД, вклучувајќи ги Остин, Чатануга, Атланта, Детроит и Сан Хуан.
Првиот клуб во Чикаго произлегол од брачна криза на еден пар. Основачите Мани Ернандез и Елена Соболева неодамна почнале да живеат заедно по година и пол врска на далечина. Шетајќи покрај Езерото Мичиген, Ернандез, инструктор за техники на дишење и „коуч“ за мажи, предложил на крајот од пристаништето да ги испуштат сите фрустрации со еден гласен крик.
Кога побарале дозвола од неколку луѓе околу нив, сите на крај решиле да врескаат заедно, додека нивните сурови емоции одекнувале над водата.
– Кога го направивме тоа, некои луѓе почнаа да плачат, вклучително и Елена. Тогаш се погледнавме и рековме: „Ова веројатно е нешто што треба да го започнеме“ – се присетила Ернандез.
Во зависност од огранокот, собирањата на „Скрим клаб“ се одржуваат неделно или месечно, но секогаш во парк или покрај вода, за што помалку да се нарушува околниот мир. Сеансите обично започнуваат со тоа што учесниците на биоразградлива хартија запишуваат од што сакаат да се ослободат.
Потоа следи серија заеднички длабоки вдишувања и вокални вежби за загревање.
– Навистина можете сериозно да го напрегнете грлото ако само почнете да врескате. Затоа сè е постепено, се дише од дијафрагмата, полека се започнува, па дури потоа се преминува на сè погласно и погласно – објаснила Соболева.
Сите заедно врескаат трипати, со неколку длабоки вдишувања помеѓу, а потоа ливчињата ги фрлаат во вода.
– Тој трет крик мора да го почувствувате во телото. Спуштете се, заземете некоја примитивна поза — што и да ви дојде природно во моментот – рекла Волкер, која го покренала огранокот во Сиетл.
Техниките на „Скрим клаб“ се надоврзуваат на прајмал скрим терапија, теорија развиена во 1960-тите од психоаналитичарот Артур Јанов. Тој верувал дека трауматските искуства од детството создаваат неврози кај возрасните, кои може да се лекуваат така што под надзор на терапевт се допира таа болка и се ослободува преку врескање и плачење.
Сепак, истражувањата спроведени децении подоцна не покажале дека оваа терапија е ефикасен третман за ментални нарушувања, вели Ашвини Надкарни, професорка по психијатрија на Медицински факултет Харвард. Но, затоа претставува одличен вентил за стрес.
Надкарни објаснува дека самиот крик ги активира мозочните кругови во амигдалата и хипокампусот – „најстариот дел од нашиот мозок“ задолжен за обработка на стрес и емоции. Врескањето исто така го активира симпатичкиот нервен систем, односно реакцијата „борба или бегство“. Кога крикот ќе престане, се вклучува парасимпатичкиот систем, кој му испраќа сигнал на телото да се одмори.
– Тоа е истиот циклус на регулација што се случува кога вежбате. Срцето ви забрзува, останувате без здив, а потоа се опуштате и го чувствувате тој мир – рекла таа.
Освен физичкото ослободување, и самото собирање на луѓето и заедничкото дејствување носи корист.
– Идејата луѓето да се собираат за да градат заедница и на тој начин да се растоварат е фантастична – додала Надкарни.
Ернандез вели дека не е вообичаено јавно да се споделуваат причините за доаѓањето, но многумина сепак остануваат по сеансата и разговараат за своите проблеми. Некои членови на огранокот во Чикаго неодамна изгубиле блиска личност, една личност повторно се бори со рак, а многумина имаат потешкотии во врските.
Волкер додава дека некои луѓе доаѓаат и да врескаат од среќа. Без оглед на причината, огранокот во Сиетл обично се собира непосредно пред зајдисонце, за потоа заедно да набљудуваат како сонцето исчезнува зад водената површина.


