Со производи со помала грамажа се избегнува Одлуката за маржите, ДПИ најави строги казни
Маркетите sе обидуваат на секаков начин да го заобиколат законот и да остварат профит, за многу краток период извадија нови производи само за да ја избегнат Одлуката за ограничување на маржите, рафтовите се празни рафтови и не се снабдени доволно со производите опфатени со Одлуката. Покрај тоа, вршат и големи притисоци врз добавувачите
Препорачано
Ова го посочи на денешната прес-конференција директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски, кој најави строги казни.
Екипите на ДПИ, нагласи Трајковски, се секојдневно на терен и вршат контроли. Тој пред новинарите покажа и неколку млечни производи, објаснувајќи дека маркетите на купувачите не им ги нудат оние пакувања кои претходно ги имало и кои се опфатени со Одлуката за маржите, туку некои други, со помала грамажа. Притоа, Трајковски им порача на и на трговците на мало и на трговците на големо, да не се обидуваат да ги заобиколуваат законите за да не ја почитуваат Одлуката.
И денеска имаме екипи на терен, а за грамажата ќе се консултираме и со АХВ. Ќе постапуваме најригорозно, зашто навистина има обиди да се заобиколат законите. Не викам дека не треба да има 194-грамско кафе. Во Одлуката е опфатено 200-грамското, нека има и од 194, но мора да го има и тоа од 200 грама. Со Одлуката е опфатен и лебот од 450 грама. Има големи добавувачи, апелирам до нив, бидејќи имаат 470-грамски леб, да произведат и 450-грамски леб. Освен кај кафето и кај киселото млеко наоѓаме 300 грамско пакување, иако со Одлуката е опфатено 400-грамско. Можно е ваквите производи да се запленат, истакна директорот.
Според него, големите маркети и со Одлуката за маржите успеваат да остварат профит, па оттука е најсно зошто се обидуваат да ги заобиколат законите.
Тие се десет милиони евра во добивка и покрај замрзнувањата и намалувањата. Не знам зошто ова го прават кога пак ќе остварат профит, рече директорот.
Од донесувањето на Одлуката за ограничувањето на маржата до 10 отсто, Инспекторатот извршил преку 500 надзори кај повеќе од 73 категории производи и издал 30-тина прекршочни платни налози во вредност од над 4,3 милиони денари.
Тој апелира до трговците, ако имаат простор, да ги намалат цените и на другите производи освен оние опфатени со Одлуката за маржите.
Владата на 20 септември годинава ја донесе Одлуката за ограничување на бруто профитната маржа до 10 отсто со која се опфатени стотина основни прехранбени производи.


