Со повеќе од 10 илјади вакцинирања дневно, брзо ќе се збогуваме со пандемијата

СЦ Борис Трајковски / Скопје, 2021 / Фото: Слободен Печат. / Драган Митрески

За да се постигне колективен имунитет во земјава, треба да се вакцинираат половина од граѓаните што не прележале ковид-19, вели за „Слободен печат“, директорот на Институтот за имунобиологија, професор доктор Александар Петличковски. Според него, предвидувањата на министерот за здравство Венко Филипче дека колективен имунитет ќе имаме до крајот на летото е сосема можно да се остварат, но за таа цел дневно ќе треба да се аплицираат барем 10 илјади вакцини и тоа во континуитет.

– Ние претпоставуваме дека во моментот над 50 проценти од општата популација, а можеби и до 60 проценти, според статистичките пресметки, има остварено имунитет. Најголем дел од нив го оствариле имунитетот со прележување на болеста. Тоа се речиси милион луѓе. Според последните бројки, вакцинирани се над 120 илјади луѓе во моментот. Вкупно треба да имаме 80 проценти население со стекнат имунитет или преку вакцина или со прележување, за да имаме колективен имунитет. Тоа ќе биде крај за епидемијата. Изјавите што ги слушнавме од министерот за здравство може да станат реалност, но за таа цел ќе треба најмалку 10 илјади вакцини дневно да бидат аплицирани и вакцинирањето да трае во континуитет – изјави доктор Петличковски за „Слободен печат“.

Прашан дали мутациите од Индија и од Бразил кога би пристигнале во Македонија би го нарушиле нашиот колективен имунитет, професорот вели дека компликациите од овие варијации на вирусот нема да бидат големи.

– Можеби малку можат да искомплицираат, но овој имунитет што е стекнат и кој се стекнува секојдневно со вакцините, сигурно нема да нѐ остави без заштита дури и во случај да дојдат кај нас индиските и бразилските мутации – вели Петличковски.

Колективниот имунитет всушност ќе значи дека вирусот повеќе нема да може да се пренесува од човек на човек.

– Ако голем дел од населението има имунитет, оние што имаат имунитет излегуваат од игра. Во нив вирусот не може да се пренесува и да се размножува. Кога тој процент на луѓе со имунитет, односно луѓе кај кои на вирусот му е забранет влез ќе биде над 80 проценти, вирусот веќе нема каде да се шири и тоа ќе биде крај за неговото ширење и крај на епидемијата. Колективен имунитет се постигнува со различен процент за различни болести. За некои болести треба да е над 95 проценти, за други 60 проценти од населението треба да е покриено. За сегашната ситуација со ковид-19 се предвидува дека кога над 80 проценти од населението ќе постигне имунитет, ќе биде невозможно вирусот понатаму да се шири и тоа ќе биде најнапред забавување, а потоа и завршување на пандемијата – додава експертот за имунологија.

Тој смета дека вакцината нема да треба да биде аплицирана доживотно кај граѓаните, меѓутоа ставот го дава резервирано, бидејќи станува збор за тема што ќе се расчистува во наредните две до три години.

Министерот за здравство во неделното интервју за Радио Слободна Европа прогнозираше дека до крајот на летото може да се постигне колективен имунитет поради големите количества вакцини што ќе пристигнат во земјава. До 15 мај се очекуваат уште стотина илјади дози од кинескиот производител „Синофарм“, а до крајот на мај, уште половина милион вакцини од „Синовак“. Филипче најави дека сите што изразиле интерес за вакцинација ќе добијат термин до 15 мај преку СМС-порака со точно време и пункт на кој ќе треба да се појават.

Досега интерес за вакцинација покажале 280 илјади граѓани. Бројот на вакцинирани граѓани секојдневно расте, а за таа цел се отворени пунктови за масовна вакцинација во сите поголеми градови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот