„Со недели не излегував од дома“: Теа Трајковска се отвори за тешкиот период
Емотивно, искрено и со голема болка, младата пејачка Теа Трајковска во подкастот „Ресет“ проговори за сопственото соочување со тагата по трагичната загуба на нејзините блиски пријатели и соработници од групата ДНК, кои го загубија животот во пожарот во Кочани. За неа, загубата на блиска личност е најтешкиот предизвик со кој човекот може да се соочи во животот.
Препорачано
Трагедијата оставила длабока трага врз неа, до таа мера што по настанот со месеци била целосно изолирана од светот и не излегувала од дома.
„Имав еден период во кој не излегував од дома со недели. Март, април, средина на мај можеби… а немав излезено од дома“, открива Теа за својата агонија.
Теа не се согласува дека времето ги лечи сите рани. Според неа, болката не исчезнува, туку човекот едноставно развива нов механизам за преживување.
„Јас не се согласувам со тоа дека времето лечи сè. Времето не нè учи да лечиме, туку нè учи да живееме со празнината. Сепак, треба да научиме па да бидеме и благодарни можеби. Ете јас се трудам да бидам благодарна што сум ги имала и тоа време што сум го имала со тие луѓе“, вели таа со треперлив глас.
Теа упати силна и моќна порака до сите оние кои во моментов се борат со слична болка и тага. Таа апелираше луѓето да не се затвораат во себе и да не ја минуваат бурата сами.
„За некој што поминува низ нешто слично… бидејќи сите ние, за жал, таков е животот, нели, сите ќе изгубиме некој по пат. Да не се затвораат во себе. Да побараат помош. Да имаат кого да држат за рака низ бурата и тешките моменти. Никој од нас не знае колку време имаме тука и секогаш треба да им кажуваме на луѓето што ги сакаме дека ги сакаме и колку ни се важни. Затоа што треба да знаат“, заклучува младата пејачка.


