Свечено доделување на наградите во Нирнберг / Фотографија: Уве Никлас (Uwe Niklas)

Со филмот „Молкот на разумот“ режисерката Кумјана Новакова ја освои меѓународната филмска награда за човекови права на Нирнберг

Во Нирнбершката куќа на филмот на 21 октомври меѓународното жири составено од Дамиен Оунури, Фарахназ Шарифи и Борјана Гаковиќ ја доделија Нирнбершката меѓународна филмска награда за човекови права во рамките на Нирнбершкиот филмски фестивал за човекови права. Добитничка на наградата е Кумјана Новакова со нејзиниот последен авторски филм „Молкот на разумот“ (2023, 63 мин.).

На свеченото доделување на наградите, жирито изјави: „Едногласно одлучивме да ја доделиме наградата на филмот, кој претставува и кинематографско и историско дело на правдата. Го трансформира екранот во споменик, каде што невидливото повторно станува видливо и каде што секој фрагмент од сведоштвата стануваат чин на отпор.

Преку прецизна, точна и поетска форма, филмот ги реконструира сведоштвата на босанските жени жртви на систематско силување и сексуално ропство за време на војните во Југославија – жени чии имиња биле избришани, но чии гласови сè уште одекнуваат. Филмот нè потсетува дека признавањето на силувањето како оружје на војната и како злосторство против човештвото дојде преку храброста на овие жени и неуморната работа на оние кои ги документирале доказите. И денес, овој филм ја продолжува таа борба.

Воедно, сакаме да ја поздравиме уметничката извонредност на авторката, прецизноста на нејзиното истражување, јасноста на филмската монтажа, звучниот дизајн што носи и ужас и достоинство, и оригиналниот визуелен јазик што наоѓа соодветен начин да го претстави ужасното насилство и да нè соочи со вистината.

Овој филм не е само за минатото. Станува збор за нашата колективна одговорност денес, да се сеќаваме, да сведочиме и никогаш да не молчиме. Затоа што не можеме да прифатиме дека во војните низ целиот свет, телата на жените продолжуваат да се користат како бојни полиња. Наградата оди во рацете на „Молкот на разумот“. Честитки до Кумјана Новакова и до сите што придонесоа за оваа неопходна и храбра работа.“

Од 2001 година Нирнберг е прогласен за град на мирот и човековите права, така славејќи го наследството од Нирнбершките процеси без кои не би биле замисливи Судот за воени злосторства на ОН за поранешна Југославија (1993 – 2017), Трибуналот на ОН за геноцидот во Руанда (1994 – 2016), како и Меѓународниот кривичен суд во Хаг (од 2002).

Меѓународниот филмски фестивал за човекови права во Нирнберг (NIHRFF) е најголемиот и најважен филмски фестивал за човекови права во Германија. Меѓународната натпреварувачка програма на фестивалот, во која беше селектиран и „Молкот на разумот“, оваа година вклучи вкупно 7 меѓународно признати авторски филмови од целиот свет.

Документарниот филм „Молкот на разумот“ на Кумјана Новакова освои повеќе од 25 меѓународни награди, меѓу кои наградите за најдобра режија на ИДФА во Амстердам, наградата за најдобар меѓународен филм на „Синема ду реел“ во Париз, Гран-при на Пунто де виста во Шпанија, најдобар среднометражен филм на „ХотДокс“ во Канада, како и регионални награди во сите земји на поранешна Југославија. Филмот е прикажан на сите светски континенти, односно на повеќе од 50 меѓународни фестивали, музеи и во рамки на културни и уметнички иницијативи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот