Со ѕвон од клучеви Италија се прости од Џулија и крена врева против насилството

Огромен број луѓе се простија од Џулија пред базиликата Санта Џустина во центарот на Падова - Фотографија ЕПА, Никола Фосела

Илјадници луѓе во Падова излегоа на улиците за да ѝ изразат почит на Џулија Чекетин, 22-годишната девојка убиена од нејзиното момче, но воедно и да кренат врева против насилството против жените во Италија, кое вообичаено се премолчува во земјата со изразена патријархална традиција.

Ѕвон против насилството – Фотографија Profimedia

Џулија била убиена само неколку дена пред да ги заврши студиите по биомедицина. Фотографијата од нејзиното празно столче на денот кога младата девојка требало да дипломира ја потресе целата нација.

Студентката исчезнала на 11 ноември, а нејзиното тело било пронајдено една недела подоцна. За убиството беше обвинет нејзиниот партнер Филипо Турето, кој е приведен во Германија. Тој го признал злосторството и рекол не можел да ѝ прости на Џулија поради тоа што ја раскинала врската. Сега очекува судење во притвор во Италија.

Поздрав „Џулија, те сакаме!“ истакнат на базиликата – Фотографија Profimedia

Погребната церемонија во Падова беше директно пренесувана на државната телевизија. Нејзиниот татко Џино ги повика Италијанците погребот на Џулија да биде појдовна точка за запирање на убиствата и на сите видови насилства врз жените. Простувањето заврши со масовно ѕвонење со клучеви, како симболичен повик да не се премолчуваат насилствата.

Ужаленото семејство – братот Давиде, сестрата Елена и таткото Џино – Фотографија ЕПА, Марко Албертини

Убиството на Чекетин поттикна масовни протести низ цела Италија, што ја принуди Џорџа Мелони, првата премиерка во историјата на Италија, јавно да вети дека ќе стори сѐ што може за да ги заштити жените, почнувајќи од кампања во училиштата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот