Со делење свидетелства и со физичка настава ќе почне учебната година

Дигитални содржини. / Фото: Архива на Слободен печат

Свидетелствата за минатата учебна година веќе се дистрибуираат по училиштата и се очекува деновиве да им бидат доделени на учениците. Ќе се учи по целосно нови наставни програми и од нови материјали, кои содржат интерактивни слики, видеа, квизови, игри и анимации.

Со доделување на минатогодишните свидетелства и со реформирани учебници, ќе започне новата учебна година.

Од Министерството за образование (МОН) се децидни, учебната година ќе започне со физичко присуство на сите ученици освен оние за кои родителот поднел барање за онлајн настава. Целосна онлајн настава, или хибридниот модел што подразбира ротација на учениците – дел од дома, дел онлајн, ќе се применува доколку здравствените власти оценат дека состојбата се влошува.

Во меѓувреме, свидетелствата за минатата учебна година веќе се дистрибуираат по училиштата и се очекува деновиве да бидат доделени на основците и на средношколците, соопштија од Бирото за развој на образованието (БРО). Во јуни, заради ковид-пандемијата, свидетелства добија само најприоритетните: полуматурантите, матурантите и учениците што требаше да заминат во странство. Од Бирото претходно појаснија дека училиштата ќе добијат свидетелства во периодот од 17 до 20 август, а датумот на доделување ќе го одредат училиштата или општината.

– Според протоколите што ги добивме од Министерството за образование и наука, свидетелствата на учениците ќе се издаваат во период од 25 август до 1 септември, во претходно утврден распоред и час, а според протоколите за заштита од ковид-19. Воедно Ве известуваме дека на учениците од четврта година веќе им се дадени свидетелствата, поради упис на факултети – ни одговорија од гимназијата „Орце Николов“ во Скопје.

Драган Арсовски, директор на гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, во изјава за „Слободен печат“ информира дека свидетелствата се изготвуваат во моментов и ќе бидат доделени најдоцна до 27 август. Тој смета дека групирањето на учениците ќе биде предизвик со кој не треба да се справуваат само училиштата.

– Проблем за многу училишта е да ги натераат децата да ги почитуваат протоколите. Ние ќе ги натераме, но што правиме надвор, по училиште, дали некој ги контролира – прашува Арсовски.

Од оваа учебна година се очекува да почне процесот на дигитализација предвиден со новата наставна Концепција која, според најавите од МОН, треба да им овозможи на учениците полесно да ги поврзуваат наставните содржини со реални настани. За почеток, оваа Концепција ќе се применува во прво и во четврто одделение, а во наредните пет-шест години, етапно ќе се инсталира и во другите одделенија. Учениците ќе учат по целосно нови наставни програми и од нови материјали за учење, што содржат интерактивни слики, видеа, квизови, игри и анимации и чија подготовка е во завршна фаза.

– При подготовка на материјалите бевме водени од целта за развивање критичко размислување, креативност и проактивност кај учениците. Токму затоа тој изобилува со забавни содржини, експерименти, истражувања и интересни илустрации – вели Биљана Стојановска, авторка на првиот дигитален материјал за учење по природни науки, кој ќе се користи во наставата за четврто одделение.

Родителите, пак, се прашуваат какви ќе бидат последиците од постојаните промени на образовните концепти врз учениците како идни креатори на општеството и дали се евалуираат образовните промени од образовните експерти, или сето ова е „уште една тула во ѕидот“. Како отпор на новиот Закон за дигитални учебници и наставни материјали, дел од родителите што мислат дека одлуката за реформа е избрзана, ја создадоа фејсбук-групата „Учебници и настава мора да има“. Тие поведоа и иницијатива за референдум, по што Владата го повлече Предлог-законот од собраниска процедура. Од Министерството за образование соопштија дека од септември повторно ќе организираат дебати за нови предлози.

Годинава, дел од наставниот кадар помина низ обуки за да може да ги реализира новите наставни програми.

– Како институција, подготвени сме да им дадеме целосна поддршка на наставниците и да одговориме на сите предизвици што може да се јават во училиштата – велат од БРО.

– Согласно со новата концепција за основно образование предвидена е дигитализација на материјалите за учење, а не дигитализација на наставата, така што во училниците не е потребно да бидат поставувани компјутерски уреди, бидејќи наставата ќе се реализира преку интеракција наставник – ученици, а примена на ИТ-уреди ќе има кога тоа ќе го наложи наставната материја за одредена тема – велат од МОН.

Министерството соопшти и дека до училиштата дистрибуираше таблети за ученици од четврто одделение од семејства во социјален ризик и дека од вкупно 10.000 уреди, досега се подигнати 3.000 таблети.

МОН е во постојана координација со градоначалниците и со директорите на училиштата што интензивно се подготвуваат за успешна имплементација на реформските процеси. Родителите, наставниците и учениците треба да се спокојни бидејќи наставата ќе почне во најдобар ред со сите обезбедени ресурси што се предвидени со Концепцијата – уверуваат оттаму.

Видео на денот