Емин Џиан - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Емин Џијан - Фото Слободен печат - Методи Здравев

„Со Ана на ТИ“ | Џијан Емин: Ние Македонците знаеме сè за сè, кога ни одговара сме Германци, а кога не, веднаш стануваме балканци

Еден од најавтентичните музички автори што Македонија ги има денес, уметник со јасен светски кредибилитет и препознатлив личен печат, Џијан Емин е гостин во новата епизода на поткастот „Со Ана на ТИ“, која се емитува вечерва во 19:00 на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.

Светски познатиот и признат мултиинструменталист, композитор, оркестратор и диригент, кој е и активен член на Националниот џез оркестар, со години гради кариера на пресекот меѓу класичната музика, џезот и современите експериментални изрази. Покрај авторската музика, Џијан стои и зад значајни остварувања во филмската и театарската музика.

Во искрен и непосреден разговор, со Џијан се навративме на неговото детство, палавите незгоди и првите средби со музиката, на долгата и не секогаш лесна патека до меѓународна кариера, како и на неговиот поглед кон менталитетот на македонските музичари и условите во кои се создава уметност кај нас.

– Македонскиот музичар, кога оди да работи во странство со друг оркестар, се однесува професионално, како што се очекува. Мислам дека овие разлики произлегуваат од некои општествени и културни комплекси, кои самата држава или нација ги „впикува“ во луѓето. Тука полесно се покажува малодушност или слабост, додека надвор тоа не се случува.

Знам од искуство, со програмата што ја изведувам во Македонија со еден или друг ансамбл, процесот е често борба, тепање, туркање, шамари … вежби со боксерска вреќа. Но, кога одам на концерт со оркестар во Европа, Америка, Австралија, сите си ја работат својата задача без проблеми. Ако нешто не е како што треба, јас сум крив; ако успее, сите заедно создаваме нешто одлично.

Кај нас постои феноменот „Ние знаеме сè за сè“, знаеме како треба трубата да свири, како диригентот да диригира, како музиката да биде напишана, како портирот да се однесува, кога публиката треба да аплаудира, дури и како треба да изгледа фризурата на водителката. Но, кога самите ние треба да ги примениме тие правила, одеднаш стануваме балканци – Вели Џијан.

Зборувавме и за татковството, за современото родителство и балансот меѓу нежниот и строг родител, за децата Јан и Лина, како и за партнерството и поддршката што ја добива од сопругата Ана.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот