Смртна казна на партизираното судство во партиските програми – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и Левица со дебели ветувања за правна држава

Основен кривичен суд / Фото: „Слободен печат“- Драган Митрески

Правосудството, судиите и обвинителите најмногу „им бодат очи“, па сите три партии ветуваат ветинг на судиите и обвинителите, проверка на потеклото на нивните и имотот на нивните најблиски, распуштање на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, редефинирање на правилата за избор и именување судии итн.

Трите македонски парламентарни партии, владејачката СДСМ и опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица, во своите предизборни програми за претстојните парламентарни избори одвојуваат големи делови за реформата на правосудството и ветуваат – правна држава, конечно! Правосудството, судиите и обвинителите најмногу „им бодат очи“, па сите три партии ветуваат ветинг на судиите и на обвинителите, проверка на потеклото на нивниот имот и на имотот на нивните најблиски, распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавните обвинители, редефинирање на правилата за избор и именување судии итн.
„Звучни“ моменти во предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ е најавата за ревизија на целокупното работење на поранешното Специјално јавно обвинителство, а на Левица во најавата за процесирањето на Хашките случаи од 2001 година и за кривична одговорност за функционерите што го променија уставното име на државата и на оние што го прифатија т.н. „француски“ предлог.
Предизборните програми на другите партии сè уште не се достапни онлајн на службената страница на Државната изборна комисија, па не се дел од оваа анализа.

СДСМ: Со нас заврши времето на „судии од тефтерчиња“

Од СДСМ наведуваат дека правната држава и владеењето на правото се столбот на секоја земја и секој мора да биде еднаков пред законот, а делењето на правдата мора да биде независно и никој не треба ниту да помислува да влијае врз судските одлуки. Оттаму додаваат дека се посветени на длабоки и суштински реформи за да се зацврсти правната држава и да се врати довербата на граѓаните во правосудството.

– Како партија на власт покажавме дека со нас заврши времето на „судии од тефтерчиња“. Сите судии и носители на јавни овластувања се слободни и одговорни да одлучуваат по својата совест и убедување. Влијанието врз судиите по партиска линија и нарачаните пресуди се лошо минато. Остварувајќи го даденото ветување како владејачка партија целосно ја почитуваме самостојноста и независноста на судството како една од трите власти – пишува во програмата на владејачката партија.

СДСМ, се додава, се залага за висок професионализам, интегритет и ефикасност на правосудството.

– Најважно од сè, конечно ќе се спроведе и нема повторно да се откажеме од процедурата на „ветинг“ на судиите и на јавните обвинители. Иако првичниот предлог беше повлечен, сметаме дека тој не смее да трпи повеќе одложување! Мора да се проверат сите судии и обвинители, без исклучок, за да се знае разлика меѓу чесните и нечесните, меѓу професионалците и профитерите, меѓу стручните и неспособните! Нема откажување, ќе успееме во расчистувањето и проветрувањето на правосудството! Ветинг ќе има! – ветуваат од СДСМ.

Владејачката партија ветува и целосна реформа на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители и нуди серија чекори за тоа.

ВМРО-ДПМНЕ ќе врши ревизија на работењето на СЈО

И ВМРО-ДПМНЕ цели кон трансформирање на правосудните органи во вистински независни, транспарентни и одговорни ефикасни субјекти, но и кон „правда за неправедно осудените во политички монтирани случаи по желба на власта“. Еден од главните начела на оваа партија ќе биде еднаква примена на законите, без оглед на етничката, верска, полова и друга припадност на граѓаните.

– Судството ќе го ослободиме од стегите на извршната власт и ќе спроведуваме политики за расчистување со судирот на интереси во правосудството, присутниот непотизам, партизација и кронизам. Ќе утврдиме законски критериуми за рангирање на кандидатите за судии и претседатели на судови и ќе ги регулираме постапките за преземања и префрлања на судии во други судови. Ќе ги спречиме злоупотребите во дисциплинските постапки. Судиите ќе се избираат од списокот на најдобрите кандидати што успешно ја завршиле обуката. Ќе ги почитуваме препораките на оценските мисии и ЕУ за условите за избор на судии, кои ќе бидат базирани на јасни правила и критериуми, вградени во систем на заслуги. Ќе спроведеме целосна ревизија на приемот на кандидати во Академијата за судии и јавни обвинители – пишува во програмата на ВМРО-ДПМНЕ.

Таму се наведува и дека акумулираните системски девијации ги направиле Судскиот совет и судиите ранливи од надворешни влијанија и заплашувања, па затоа сегашниот состав на Судскиот совет ќе биде распуштен, затоа што го изгубил кредибилитетот.

– Ќе спроведеме целосна проверка на имотот на судиите и на нивните семејства со цел јасно одделување на чесните од нечесните судии. Доколку не се докаже законитоста на стекнувањето на имотот, задолжително ќе се поведува постапка за разрешување – ветуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Се најавува и сосема нова законска рамка, односно, нов кривичен законик, закон за јавно обвинителство, закон за судови, закон за Судски совет, закон за кривична постапка, закон за Совет на јавни обвинители итн. Ако некој судија биде разрешен, Судскиот совет задолжително ќе достави извештај со целокупната документација до надлежното јавно обвинителство за проверка на можно прекршување на Кривичниот законик. Со закон ќе биде предвидена постапка за одговорност на судија за чии одлуки или пресуди е утврдено прекршување на човековите права и слободи од страна на Судот во Стразбур. Во секој суд ќе се назначи комесар за заштита на човекови права, а ќе се предвиди можност новинари, претставници на научната и на стручната јавност да ги следат рочиштата за определување на мерката притвор.

– Ќе биде поведена постапка за ревизија и испитување на законитоста на целокупното работење на Специјалното јавно обвинителство. Посебно внимание ќе се посвети на загрозувањето на човековите права во постапките на СЈО, прекршување на процесните закони при постапувањето на СЈО, расчистување на утврдените злоупотреби на исплатата на финансиски средства кон обвинителите, истражителите и советниците и нивно враќање во буџетот, како и испитување на непотизмот, партизацијата и кронизмот при вработувањата во СЈО – наведува ВМРО-ДПМНЕ.

Левица ќе ги процесира Хашките случаи

Најмалата парламентарна партија Левица планира воведување специјализирани судови, односно кривични, прекршочни, имотни, работни, трговски и др., како и укинување на т.н. прекршочни управни органи, „кои делуваат како квазисудски органи“ и целосно префрлање на прекршочната постапка на специјализираните прекршочни судови. Левица планира и да се укинат второстепените државни комисии, а нивните надлежности да се пренесат на Управниот суд, кој треба носи мериторни одлуки. Партијата ветува воведување разумни максимални рокови за судење во сите постапки, со преклузивни, а не ориентациски законски рокови и со дисциплински мандатни казни за судиите што нема да ги почитуваат тие рокови.

– Генерален реизбор и „ветинг“ на судии, т.е. детално преоценување и проверка на нивната работа и нивната имотна состојба, со цел имплементирање на проектот за „деДУИзација на судството“! Укинување на трајниот мандат на судиите и воведување ограничен мандат од девет години, без право на реизбор, освен во повисок суд. Разрешување на судија по сила на закон на кој му застареле три предмета во кариерата и на судија поради кој Република Македонија ќе изгуби спор пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Инфамија за судија кој ќе биде откриен дека извршил злоупотреба на функцијата на штета на странката, преку неможност во иднина да се занимава со каква било правна професија (судија, адвокат, нотар, обвинител, правобранител, медијатор и сл.) – се дел од ветувањата на Левица за судството.

Во делот на обвинителството, Левица ветува ефективно процесирање на незастарливите т.н. Хашки случаи од 2001 година (Мавровски работници, Водството на ОНА и др.) како најтешки кривични дела. Левица ветува и кривичен прогон против сите учесници „во илегалната и шверцерска промена на уставното име Република Македонија спротивно на народната волја изразена на два референдума (премиер, министер за надворешни работи, пратеници, директор на Службен весник, обвинител за организиран криминал, кривични судии, новинари, активисти и др.), како и против поранешниот премиер и министрите за сторено кривично дело против државата со прифаќање на т.н. француски предлог за членство во ЕУ“. Партијата најавува и кривичен прогон против поранешниот претседател на Собранието за сторени серија злоупотреби на функцијата и кривични дела против државата, како и амнестија во случајот „27 април“ како политички монтиран процес и итно ослободување на осудените!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот