Сметките за струја преполни со новини, народот збунет и во паника

Сметки струја ЕВН / Фото: Драган Митрески. Слободен печат.

Граѓаните постојано се бомбардираат со информации околу начинот на пресметката на цената на електричната енергија, а тоа предизвикува паника

Владата има донесено одлука за субвенционирање на електричната енергија за домаќинствата до 30 јуни. Со последната одлука процентот за субвенционирање е намален од поранешните 91 проценти на 84 проценти, а образложението е дека сега нема потреба од толкаво субвенционирање. На сметките има нова ставка „пристап до мрежа“ од 200 денари. Сите овие новини, внесоа вознемиреност кај граѓаните, а некои споделуваа сметки за кои тврдеа дека се многу поголеми од порано.
Вицепремиерот Фатмир Битиќи на новинарско прашање вчера потенцираше дека одлуката за субвенционирана струја е до 30 јуни, но дека тоа автоматски не значи оти струјата ќе престане да се субвенционира од први јули.

– Не е точно дека субвенциите ќе се укинат од 1 јули. Има одлука за до 30 јуни оваа година, а секако следната влада што ќе биде предводена од Социјалдемократскиот сојуз, прави одлуки во корист на граѓаните, а таква е и за субвенционирање на струјата. Ако дојде друга влада, тогаш прашајте ја неа – рече Битиќи.

Веста дека одлуката е до 30 јули и фактот дека во меѓувреме ќе има избори, ги вознемири граѓаните. Дополнително стравот го зголеми претходната изјава на Битиќи, кој откри дека веќе е намален процентот на субвенционирање и ја повика ЕВН да направи корекција на примерите во кои презентира колку државата ги субвенционира сметките на граѓаните.

– ЕВН Хоум би требало да ја смени табелата на сметката што служи за илустрација. Ако не знаат тоа да го направат, ќе им го направам јас. Треба да се смени процентот за да им се укаже на граѓаните колку е реалната субвенционирана електрична енергија. Тоа што беше 91, сега е 84 проценти затоа што производната цена од ЕСМ е намалена од претходно и затоа што таа не е единствениот параметар што влегува во крајната цена што ја плаќаат потрошувачите – посочи Битиќи.

На социјалните мрежи, пак, беа споделени високи сметки на електрична енергија. Сепак, од Регулаторната комисија за енергетика информираа дека до нив стигнале само 15-ина поплаки.

– До РКЕ во однос на сметките за електрична енергија има стигнато помеѓу 10 и 15 поплаки од граѓани. Ние нив ги водиме како претставки и понатаму бараме информација од операторот на електродистрибутивниот систем, кој е должен да ни одговори и врз основа на тие приговори потоа РКЕ носи одлуки. Значи, уште еднаш апелираме граѓаните да ја искористат можноста за самоотчитување – порача Бислимоски на истата прес-конференција на која ја спасуваше ситуацијата од непромисленото вкалкулирање на ставката „пристап до мрежа“ во сметки во кои има денови и од декември и од јануари, иако одлуката за ваква ставка важи од 1 јануари.

Исходот од ваквата збрка е што во наредната сметка нема да има ставка „пристап до мрежа“, како своевидна компензација за декемвриските денови. Секако, оваа ставка пак ќе се врати во сметката по наредната.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот