Случајот со ратраците на Шара заврши во тетовскиот суд

Ратрак на Шара/ Фото: НП Шар Планина

Државниот инспекторат за животна средина како што објави веќе има поднесено барање за поведување прекршочна постапка до Основен суд Тетово за правните субјекти кои превезуваат туристи со ратраци откако истите не ги потпишале платните налози и записниците за порамнување за сторениот прекршок согласно членовите 10 и 75 од Законот за заштита на природата

„По добиено барање за понатамошно постапување на ДИЖС, Сектор за инспекциски надзор во природата од 18.03.2024 г. од страна на ЈУ НП Шар Планина за сторен прекршок согласно членовите 10 и 75 од Законот за заштита на природата, а казнив по член 181 од истиот закон, од страна на ДИЖС, Секторот за инспекциски надзор во природата по детално разгледување на обемната документација за два правни субјекти (Шар аутдорс и Ескимо спорт, регистрирани во Тетово) покрената е прекршочна постапка при што се изготвени платни налози за наплата на глоба за сторен прекршок за правни лица во зависност од големината на правниот субјект во висина од вкупно 27.000 евра во денарска противвредност како и за одговорните лица во висина од вкупно 1.500 евра во денарска противвредност, по претходно изготвени записници за спроведување постапка за порамнување.Правните субјекти одбија да ги потпишат платните налози и записниците за порамнување, при што согласно законската регулатива од страна на ДИЖС се поднесе Барање за поведување прекршочна постапка до Основен суд Тетово за понатамошно постапување“, информираа од Државниот инспекторат за животна средина.

Кал, уништени пасишта, смреки и шумски производи од кои егзистираат мештаните е сликата зад себе кои ја оставаат ратраците кога носат туристи за слободно скијање, реагираа во неколку наврати од Националниот парк Шар Планина.

Со цел заштита на планинското подрачје установата донесе и одлука за забрана на движење на ваква механизација, освен по две регулирани патеки кои водат кон Вакавски бачила и месноста Лешница.

И покрај многуте обиди со Тур-операторите кои ги носат туристите не успеавме да најдеме заедничко решение оти нив ги интересира профитот, а нас заштитата на Шара, изјавија од установата минатиот месец која собра и докази кои како што изјавија се повеќе од доволни за поднесување на прекршочни и кривични пријави за уништување на планината.

На основа на собраните докази откако Тур-операторите кои превезуваат патници со ратраци не ги потпишале платните налози и записниците за порамнување за сторениот прекршок согласно членовите 10 и 75 од Законот за заштита на природата, Државниот инспекторат за животна средина одлучи да поднесено барање за поведување прекршочна постапка до Основен суд Тетово за правните субјекти.

Тур-операторите пак кои се занимаваат со години со овој вид туризам на Попова Шапка, велат дека невозможно е да продолжат со оваа дејност под услов да возат со ратраците само на две патеки. Овој вид туризам подразбира носење на скијачите на повисока точка и потоа земање на истите од пониска точка.

ВИДЕО+ФОТО: Ратраците ја „ораат“, но и носат илјадници туристи на Шара

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот