Случај „Беса Транс“: Роднините реагираат – Нека се каже вистината, некој нека ја преземе одговорноста

Полиција пред „Беса транс“
Полиција пред „Беса транс“ / Фото: МИА

Членовите на семејствата и преживеаните во трагичната несреќа во Бугарија, во која загинаа 45 патници од автобусот на Беса Транс, не веруваат на извештајот на бугарските истражители за трагедијата и предупредуваат дека ќе бараат дополнителна истрага и правда во Судот во Стразбур.

Ќамуран Пајазитовски – роднина на патник во автобусот на “Беса Транс” за „Слободен печат“ бара некој да ја преземе одговорноста за трагедијата, а не вината да се префрли само на починатиот возач на автобусот.

– Ќе бараме вистинска истрага. Ова ќе оди до Стразбур. Нека се истакне вистината, некој нека ја преземе одговорноста. Како може шоферот да ја надминал дозволената брзина? Кој автобус оди 120 на час. Јас цел живот сум шофер и тој пат сум го возел неколку пати. Вистината ќе излезе на виделина. Некој нека каже што имало во автобусот, не возачот дека ја надминал брзината. Не може автобусот да изгори целосно за 30 минути. Дали било нешто друго, луѓето се отруени. Одново ќе има вештачање. Ќе оди во Стразбур, немам доверба ни во нашата, ни во бугарската држава веќе. Во која истрага кога возачот е мртов излезена е правдината? Имаме живи луѓе кои ја виделе вистината не им веруваме, а веруваме за шоферот, изјави Пајазитовски.

Орхан Алити, еден од седумтемина преживеани во трагичната несреќа во Бугарија,  кој за жал не успеал да го спаси и својот 23-годишен син Висар во изјава за „Слободен печат“ вели дека чека институците да ја завршат истрагата.

– Дури и возачот да бил виновен, не е дека сакал да се случи несреќата. Автобусот возел со брзина до 120 км/ч претпоставувам. Очекуваме институциите да го истражат случајот. Досега никој не ме контактирал освен Црвениот крст на Македонија, изјави Алити.

Шефот на истражната служба на бугарското обвинителство Борислав Сарафов во емисијата „Лице в Лице“ на бугарската БТВ изјави дека истрагата за несреќата со македонскиот автобус на 23-ти ноември лани е завршена.

Причината за несреќата, според зборовите на Сарафов е тоа што возачот изгубил контрола врз автобусот кој се движел не до брзина над дозволената туку со несоодветна брзина на патот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот