Слепите лица повторно на протест ги изнесоа нивните барања

Протест на слепите лица/Фото: МИА

Националниот сојуз на слепи лица на Северна Македонија по месец и половина денеска повторно со мирен протестен марш ги повтори своите барања за системско решение за обезбедување помагалата и за покачување на додатоците за попреченост и за туѓа нега.

– По втор пат за месец и половина го обновивме мировниот протест поради нашите потреби и барања. Првото барање е додатокот за попреченост да изнесува 40 проценти од просечната плата, туѓата нега 30 проценти од просечната плата и помагалата да се решат системски, истакна во изјава за медиумите претседателот на Националниот сојуз на слепи лица во Северна Македонија, Жарко Селковски.

Тој рече дека и другите лица со попреченост имаат потреба од помош, меѓутоа кај нив проблемот е системски решен со ортопедски помагала, апарати за слух и слична помош, само слепите немаат никакво право на помагало.

– Без помагалата не можеме да функционираме, а имаме проблеми со движењето, со читањето и со пишувањето. За сето тоа нас ни требаат говорни помагала за функционирање во секојдневниот живот. Апелирам и до премиерот и до Владата да не не игнорираат, да седнеме да разговараме и да најдеме решение за нашите барања односно нашите потреби, додаде Селковски.

На прашањето што досега е побарано и каков одговор добиле до сега, Селковски рече дека се работи за истите барања, но немаат никаков одговор и нагласи дека се игнорирани, како да не постојат.

– Ние нема да се откажеме и по трет пат и по четврти пат, и по петти пат ако треба, ги бараме нашите права и нашите потреби барем малку да се ублажат во овие тешки времиња, изјави Селковски.

Прашан што планираат ако повторно не добијат одговор од институциите, тој најави дека набрзо ќе имаат и Извршен одбор на здружението, којшто одлучува за ваквите постапки и да се види што ќе се организира понатака.

Сојузот на слепите лица реализираше протестен марш и минатиот месец со истите барања, меѓутоа, како што тврдат, се уште не добиле никаков одговор од Владата.

Протестниот марш, започна од ДХО „Даре Џамбаз”, од каде демонстраните поминаа пред Собранието и потоа преку градскиот плоштад, го завршија протестот пред Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот