Фото: Amrei-Marie / Wikimedia

Нашата стварност станува кошмар

Пред три децении, Френсис Фукујама ја претстави својата визија за „крајот на историјата“: либерално-демократскиот капитализам е најдобриот можен општествен поредок и, откако еднаш сме го „откриле“, сме стигнале до крајот на историјата – нема понатамошен напредок, туку само постепено и целосно реализирање на овој поредок низ целиот свет.

(Фукујама бргу ја согледа својата грешка — денес го поддржува Берни Сандерс!) Само три децении подоцна, се наоѓаме на спротивната крајност: доминантната идеја денес е дека либерално-демократскиот капиталистички светски поредок, со својот комплексен сет правила што ги гарантираат основните човекови права (слобода на говор, универзална здравствена заштита, бесплатно образование итн.), се распаднал.

Она што го заменува овој поредок е брутален нов свет во кој големите риби ги јадат малите, во кој идеологиите повеќе не се сфаќаат сериозно затоа што она што е важно е суровата (економска, воена, политичка) моќ: Трамп не интервенираше во Венецуела за повторно да воспостави демократија, туку за да обезбеди слободен пристап до нејзините огромни резерви на нафта и минерали; Путин ја нападна Украина за да ја обнови „Голема Русија“ каква што постоела пред Октомвриската револуција и, во поинаков облик, под сталинизмот.

Доминирачкиот став во ваква ситуација е реализам лишен од илузии и од идеали: живејте во страв ако сте мала земја, уживајте во непристојната моќ ако можете, само бидете свесни дека принципите не се важни. Во овој нов свет, како што честопати слушаме, маските (човекови права, почитување на суверенитетот на другите држави итн.) паднале; наводно живееме во пост-идеолошки свет и сме приморани да ја прифатиме бруталната стварност таква каква што е – без илузии.

Но дали навистина е така? Апсолутно НЕ: нашиот постлиберален свет е проникнат со идеологија дури и повеќе отколку либерално-демократскиот универзум.

Визијата МАГА на Трамп е идеологија што секојдневно ја побива самата реалност на неговите постапки. Стив Бенон, главниот идеолог на трампистичкиот популизам, се прогласува себеси за ленинист кој работи на уништување на државата, но под Трамп американската државна машинерија е посилна од кога било: интервенира без демократска легитимација, ги крши постојните закони, па дури и правилата на пазарот. „Слободата на говор“ кај Трамп е слобода на моќните да ги навредуваат и понижуваат слабите (имигранти, други раси, сексуални малцинства), а не моќ на угнетените и на експлоатираните нивниот глас да биде слушнат.

Истото важи и за Русија и за Израел. Израел денес е оптоварен со ционистички фундаментализам, кој го повикува Стариот завет за да ја легитимира бруталната колонизација на Газа и на Западниот Брег.

Путин, пак, ја легитимира својата моќ со евроазиска идеологија, спротивставувајќи му се на западниот индивидуалистички либерализам со „традиционални вредности“ на семејниот живот, ставајќи ја заедницата над индивидуалните интереси – сè до подготвеност за жртвување за државата.

Во тој контекст, Александар Харичев, еден од водечките идеолози на Путин, ги формулираше основните карактеристики на „homo putinus“, наводно „самопожртвуваната природа“ на рускиот народ: „За нас, самиот живот изгледа дека значи многу помалку отколку за западњаците. Веруваме дека постојат нешта поважни од голото постоење. Тоа е, во суштина, темелот на секоја вера.“ Во сите овие случаи, далеку сме од тоа светот да го гледаме таков каков што е: она што го игнорира доминантниот „реализам“ е екстремната идеологија што ѝ е потребна на нашата стварност за да се репродуцира.

Оваа напнатост е основа на една од клучните карактеристики на денешниот свет: сè повеќе држави се потпираат на нелегални вооружени банди за да ја одржат својата моќ. Она што последниве години го гледаме на Хаити е екстремен пример на т.н. пропадната држава, во која бандите контролираат околу 80 отсто од територијата. Хаити е екстремен случај: повеќе од 200 години земјата е казнувана поради успешното востание на робовите околу 1800 година.

Но слични процеси се случуваат и во Еквадор (каде што бандите отворено окупираа делови од градовите) и во некои провинции во Мексико, кои се целосно под контрола на нарко-картелите.

Во други делови од светот треба да се спомене барем Иранската исламска револуционерна гарда, која не може да се сведе само на дел од вооружените сили: таа функционира и како идеолошка полиција и честопати оди во крајности што дури и (барем привидно) ја засрамуваат владата – да потсетиме дека беше одговорна за убиството на Махса Амини, што предизвика масовни протести, па дури и владини претставници се извинија.

Тука е и групата „Вагнер“, која до 2023 година беше под контрола на Евгениј Пригожин: руската влада ја користеше како посредник за да може веродостојно да негира воени операции во странство, а на крајот групата се сврте и против самиот режим на Путин.

Најочигледен пример, сепак, се доселениците на Западниот Брег, кои отворено ги тероризираат Палестинците: тие делуваат како „независно граѓанско движење“ што пали палестински куќи, тепа и убива, додека ИДФ ги набљудува нападите и интервенира само кога Палестинците активно им се спротивставуваат на доселениците – повторно, банда што државната власт ја толерира, па дури и ја поттикнува, со можност за формално негирање одговорност.

Внатре во самите САД, Трамп спроведува еден вид внатрешна колонизација: ИЦЕ (а не Националната гарда) во големите градови управувани од демократите функционира како наметната колонијална сила што им ги одзема основните права на жителите. Таа главно се состои од млади насилници и деликвенти, набрзина обучени и вооружени – речиси како трампови „доселеници“ на Западниот Брег. Според новите насоки, ИЦЕ им дозволува на своите службеници насилно да влегуваат во домовите за време на имиграциски рации без судски налози – не е чудо што еден мексикански свештеник во Минеаполис ја опиша ИЦЕ како полоша од мексиканските нарко-картели.

Сепак, постои клучна разлика меѓу вооружените банди на други места и ИЦЕ: Трамп не ја користи само ИЦЕ како Нетанјаху или Путин, одржувајќи минимална дистанца, туку е нивни директен командант, ги користи независно од демократските институции и против локалните власти.

Накратко, како претседател на САД, Трамп е врв на државната моќ и на владеењето на правото, а истовремено и врховен водач на банда – сè во една личност. Да се потсетиме на увидот на Г. К. Честертон дека „христијанството е единствената религија на земјата што чувствувала дека семоќта го прави Бог непотполн. Само христијанството сметало дека Бог, за да биде целосно Бог, мора да биде и бунтовник, а не само крал“. Со извесна иронија може да се каже дека Трамп се обидува да функционира како христијански бог: де факто крал на САД, кој ја води земјата главно со декрети, и истовремено врховен бунтовник против државата.

Неодамнешниот потег на Трамп го прави овој парадокс целосно видлив. На 6 февруари 2026 година, самиот Трамп, како актуелен претседател, поднесе тужба против американската Управа за јавни приходи (ИРС), барајќи 10 милијарди долари отштета од федералната влада што тој ја надгледува, тврдејќи дека бил неправедно оштетен во лично својство. Во тоа сценарио, тој практично би имал последен збор и за тоа дали ќе се постигне спогодба и колкава ќе биде таа.

Дури и некои републикански законодавци изразија сомнежи околу тужбата која, од практична гледна точка, го прави Трамп истовремено тужител и тужен. Како претседавач со владата што ја тужи, Трамп призна: „Па, вакво нешто никогаш немало. Да бидеме искрени.“ Додаде дека се наоѓа во „чудна позиција“ во која, како главен извршен директор, мора „да направи договор – да преговара сам со себе“. Бидејќи е на двете страни од спорот, сенаторот Адам Шиф прокоментира: „Мора да му се оддаде една перверзна форма на признание за чистата дрскост на измамата. Тоа е едноставно фрапантно“.

Нешто слично сме виделе не во стварноста, туку во филм: во раното ремек-дело на Вуди Ален „Банани“ (1971). Во судската сцена при крајот на филмот, јунакот Мелиш, обвинет за злосторство, се однесува како свој бранител и се испрашува самиот себеси. Стоејќи пред празната столица за сведоци, вика агресивни прашања; потоа седнува на столицата и дава збунети одговори на сопствените прашања… Она што пред половина век беше шега, денес е стварност – што значи дека нашата стварност навистина станува кошмар.

Извор: Данас

(Авторот е филозоф)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот