Славјанка Петровска му го честита 35-тиот роденден на СДСМ: Ако не се промениме, ќе исчезнеме
Промената на подобро е неопходна, суштинска, за да може да успееме, за да победиме, за Македонија, вели пратеничката и поранешна министерка
Пратеничката од редовите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и поранешна министерка за одбрана, Славјанка Петровска, упати силна порака по повод 35-годишнината од формирањето на СДСМ, нагласувајќи дека на социјалдемократите им е неопходна итна и длабока трансформација за да опстанат на политичката сцена.
Препорачано
„35 години, не се само бројка. СДСМ не се само четири букви. Тоа се многу повеќе, многу поважно. СДСМ е идеологија, илјадници животни приказни, бројни државнички одлуки, креирање добри политики и нивно спроведување, идеологија која спојува различности и почитува поинакви.
СДСМ е многу повеќе од статистика и празни фрази. И синото и црвеното носат своја победа, и розата и тупаницата носат порака, носат идеологија, носат подобро утре. Сме губеле, сме победувале, но секогаш сме се менувале, на подобро, се разбира“, вели Петровска во објавата на социјалните мрежи.
„Промената на подобро е неопходна, суштинска, за да може да успееме, за да победиме, за Македонија. Ако не се промениме, ќе исчезнеме и затоа час поскоро да започнеме со трансформација. Среќен роденден, моја СДСМ“, напиша Петровска.


