„Скромни се, не бараат посебна гардероба“: Вака зборуваше Ѓорѓи Колозов за своите ќерки
Непознати детали од приватниот живот на Ѓорѓи Колозов се објавени на фејсбук-страницата, која ги чува спомените на легендарниот актер.
Препорачано
„Во 1990 година, допишувачи на култното списание ‘Екран’ го посетија домот на Ѓорѓи и Шенка Колозови. Овојпат разговорот беше посветен на приватниот живот на актерското семејство, а посебно внимание им беше дадено на нивните ќерки, Катерина и Кристина“, пишува на Фејсбук страницата, чиј администратор е Горан Марковски.
На новинарското прашање: „Како живеат вашите ќерки, со што се занимаваат?“, Колозов одговорил: „Сметам дека живеат добро. Пред сè, немаат некои преголеми и нереални барања: не бараат некоја специјална гардероба, некои бесови. Мислам дека живеачката си ја тераат онака, пролетерски, имаат своја филозофија на живот, фрлени се на наука“.
Потоа, Колозов зборувал за помалата ќерка Кристина, која глумеше во позната телевизиска серија од 1980-тите, која уште се памети, но и во други улоги во филмови и серии.
„Тоа е Кристина. Сними 36 епизоди од ‘Случки од животот’, играше и во филмот ‘Мемо, мојот татко’, турско-германска копродукција. Убава улогичка играше кај режисерот Изет Акаи. Па и во ‘Пат на југ’ играше една мала епизода… Играше и во ‘Еурека’ чат-пат на телевизија… Но нема артистички амбиции“, рекол Колозов.
„Во кратки црти, од овој дел произлегува дека: Катерина и Кристина се опишани како скромни, без големи материјални барања, со интерес кон науката, а Кристина уште како мала имала повеќе телевизиски појавувања, иако според Ѓорѓи немала намера да гради артистичка кариера.
Фотографиите кои ви ги прикажуваме се од една друга средба со семејството Колозови од 1987 година. Извор: Екран (1990)“, стои на Фејсбук страницата.


