
Скривниците кријат само ѓубре и негрижа, во нив човек не може да се засолни
Овие објекти, кои во главниот град се лоцирани во општините Центар, Карпош, Аеродром и Гази Баба, веќе 20 години се во надлежност на Дирекцијата за заштита и спасување, која треба да се грижи за нивното одржување и обновување, но според состојбата во која се наоѓаат, очигледно е дека надлежните сосема ги заборавиле.
Речиси сите скривници што се наоѓаат во Скопје се неупотребливи, во дел од нив не може да се влезе, дел се претворени во диви депонии, а оние ретките што располагаат со некаква опрема немаат струја, вода ниту функционални тоалети. Всушност, ниедна не може, во случај на потреба, да се употребува за намената за којашто е изградена.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Скривниците, кои во главниот град се лоцирани во општините Центар, Карпош, Аеродром и Гази Баба, веќе 20 години се во надлежност на Дирекцијата за заштита и спасување, која треба да се грижи за нивното одржување и обновување, но и за информирање на граѓаните. Тогаш, во 2005 година со Одлука на Владата, 100 засолништа низ државата, заедно со целокупната инфраструктура и проектно техничка документација, кои дотогаш беа на користење на Министерството за одбрана, поминаа во надлежност на Дирекцијата.
Ретко кој од жителите на главниот град знае каде низ Скопје има засолништа и дали воопшто може да смета на нив. Но, оние што поминувале покрај скривниците под Кале, имале можност да се уверат дека во нив едноставно ниту може да се влезе ниту да се засолни. Нивната состојба е ужасна.

Од Дирекцијата за заштита и спасување веќе десетина дена не одговараат на прашањата на „Слободен печат“ колку скривници има на територијата на градот и каде се наоѓаат, во каква состојба се и дали Дирекцијата планира да вложи во нив, да ги реконструира, опреми и да ги направи функционални. Пред две години оттаму се пофалија дека се оспособени пет од засолништата во Скопје, но сега не даваат никакво објаснување.
Но, она што од Дирекцијата не го одговараат, го констатираа ревизорите во нивниот ревизорски извештај, каде што во однос на скривниците е утврдено дека ДЗС не врши тековно и инвестициско одржување на засолништата. Ревизорите во најголем дел од нив не можеле да извршат физички увид затоа што вработените во подрачните одделенија на ДСЗ не можеле да ги отворат.
Голем дел од засолништата се блокирани или затворени од препреки од дрва и кабаст отпад, дел од нив се отворени и личат на депонии, а некои се магацини за стара опрема. Некои засолништа не се во функција поради неисправни системи за вентилација и недостиг на струја и вода. Истовремено, едно засолниште се користи од приватно правно лице, за кое користење не ни беше доставена документација за закуп, ниту, пак, утврдивме соодветен приход по овој основ. Дел од опремата на ДЗС сместена во магацините е нефункционална, неупотреблива и технолошки застарена, некомпатибилна, непроверена, несервисирана веќе подолг период, со поминат рок на употреба. Дел од опремата која е доделена од МО согласно делбен биланс уште во 2005 година, е постара од 40 години – утврдиле ревизорите.

Во извештајот се наведува дека неодржувањето на изградените засолништа не е во согласност со член 8 од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост каде е уредено дека државните органи и правните лица основани од државата ги користат недвижните ствари во согласност со нивната намена и работите и задачите што ги вршат и влијае врз нивната функционалност и можноста да се користат за намената за која се изградени, заштита на населението, материјалните добра и културното наследство на Републиката, во случај на природни непогоди и други несреќи.
Одговорното лице во ДЗС да преземе мерки и активности за подобрување на состојбата со засолништата, нивно целосно ставање во функција, како и тековно одржување и грижа за нив – препорачуваат ревизорите во извештајот.

Со ревизијата е утврдено дека ДЗС се соочува со сериозни предизвици во своето функционирање, поради немање Национална стратегија за заштита и спасување, недостаток на квалификуван кадар и неадекватно управување со имотот и опремата. Ова создава значителни ризици за безбедноста на земјата, особено во услови на природни непогоди и други несреќи, каде брзата и ефективна реакција е од клучно значење.
Всушност, не само во однос на скривниците, туку се чини целиот систем за заштита и спасување не функционира, барем од аспект на граѓаните. Во државата никој не се грижи да ги информира како да постапат, како да реагираат, каде да се движат и да се засолнат или како да пружат помош на други во услови на природни или други загрозувања на безбедноста.
Пред неколку децении во поранешната држава во чиј состав беше и Македонија, редовно, секоја година, за граѓаните, па дури и за учениците во училиштата се организираше вежбата наречена СВОЗ ( Сите во одбрана и заштита), преку која населението се обучуваше како да постапува во кризни ситуации.