Скопје како лизгалиште, а Ѓорѓиевски тврди дека сѐ е под контрола
Снегот кој утрово врнеше во Скопје комплетно го блокира сообраќајот. Колони возила едвај се движеа по булеварите низ градот, а Партизанска и Илинденска беа подледени и по нив автомобилите и автобусите буквално „лазеа“. Од Волково до центар се патуваше речиси два часа, а истата состојба беше и од другите подалечни населби кон центарот на градот како што се Ченто или Драчево.
Препорачано
Граѓаните поради сантиметар до два снег денеска масовно доцнеа на работа и на училише, не се одеше ни пешки ниту со возило, додека градската и локалните власти се фалат дека сѐ е под контрола и дека снегот не ги изненадил.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на „Фејсбук“ информираше дека од раните утрински часови, екипите на Град Скопје се постојано на терен и интензивно работат на расчистување на снегот од улиците и булеварите што се под надлежност на градот.
Со цел навремена и ефикасна реакција, кризниот штаб е активиран 24 часа дневно, со континуирано следење и детектирање на сите клучни и критични точки. Безбедноста на граѓаните е наш приоритет. Затоа, апелираме до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно, да ги почитуваат сообраќајните правила и да ја прилагодат брзината и начинот на возење на зимските услови – соопшти Ѓорѓиевски.
Неговата објава предизвика „лавина“ реакции на скопјани кои во коментари му укажуваат дека не е така како што тврди, дека ништо не е исчистено и го повикуваат да излезе на терен за да види како работат неговите служби.
„Секоја чест, со 2 см снег, цел град на санка“
„Кај луѓето се заглавени од сабајле во долгите колони заради неисчистени улици, уште овој мајтап им треба.“
„Партизанска беше утрово (после 8 часот) како огледало подмрзната возилата едвај се движеа. Еден од главните булевари не е исчистен во раните утрински часови. За службите 8 не се подразбира рани утрински часови, до 8 треба да е исчистено кога сите одат на работа“.
„Фирмава што го има тендерот малку или (малку-повеќе) ја изненади снегот… Требаше барем сол да фрлат во текот на ноќта“
„Населба Аеродром е катастрофа. Ништо не е исчистено, ниту булеварот, ниту споредните улици“.
„Каде се овие исчистени улици? Драчево два часа нема автобуси, возилата лазат. Што е исчистено?“
Ова се само дел од коментарите под објавата на градоначалникот од незадоволни скопјани кои бараат резултати на терен, а не само на Фејсбук.


