Скопјани лани се гушеле во загаден воздух 119 дена, струмичани 133!

Жителите на Гази Баба и на Центар лани имале загаден воздух со прав во вкупно 119 дена, што значи дека една третина од годината го поминале живеејќи во амбиентален воздух што не е безбеден за здравјето. Мерната станица Ректорат лани измери 103 загадени денови, Карпош 78, а Гази Баба 70.

Мобилната станица во Ѓорче Петров покажува дека лани во 80 дена среднодневната вредност на ситните честички ПМ10 била над дозволената гранична вредност од 50 микрограми на кубен метар воздух. Овие податоци се од месечниот извештај за декември на Министерствотои за животна средина за квалитетот на амбиентниот воздух во градовите каде што се мери, со забелешка дека мерните станици не работат секогаш, па бројките не се целосни и бројот на загадени денови е поголем.

Според Законот за квалитетот на воздухот во годината не смее да има повеќе од 35 денови во кои има надминувања на среднодневната вредност на ПМ10 повеќе од 50 мцг/м3, со цел да се заштити здравјето на луѓето. Но, тоа е така само во Законот, а во македонските градови со години наназад овој „бонус“ од 35 загадени дена се троши до половината од февруари. А сепак, и со површно разгледување на извештаите од другите години се забележува дека бројот на загадени денови од година в година се намалува, како и највисокитте среднодневни вредноси на ПМ10. Во претходната деценија скопските мерни станици, особено онаа во Лисиче мереа среднодневни вредности и над 500 микрограми на кубик воздух, што е десет пати над безбедата и претставува екстремно опасна околина за човекот, а бројот на загадени денови беше фрапантен, како на пример Тетово во 2015 година кога само во 15 дена воздухот беше чист, а во останатите 350 загаден!

Овој декември што измина највисока дневна вредност на ПМ10 во Скопје сме имале на 23 декември на мерната станица Лисиче, кога изнесувале дури 259 микрограми на кубик воздух, што е пет пати над безбедната граница! Загрижува што иста толкава вредност, 259 микрограми, како ситните ПМ10 честички имале и уште поситни и поопасни честички ПМ2,5, а за нив не постои безбедна граница за здравјето!

На истата дата, 23 декември, во Лисиче е измерено и надминување на загадувањето со азотни оксиди, што ретко се слчучува, односно тоа е единствено надминување на овој полутант за целата година на сите мерни места.

Во останатите градови најлош воздух од источната зона имале во Струмица, а во западната во Тетово.

Во Струмица лани имало надминување на загадувањето со ситен прав во дури 133 дена, а највисоката концентрација е измерена на 24 декември, кога изнесувала 273 микрограми на кубик воздух. Струмица и во моментов е во опасна долготрајна епизода со надминување на среднодневните вредности која трае од средината на декември, со минимален прекин од ден-два.

Во Велес лани имало надминувања во 95 дена, во Тетово во 108, Кавадарци 128, Кичево 105, Гостивар 102, Берово 62, Прилеп 92 итн.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот