Скијачките центри нема да работат сезонава?!

попова шапка
Попова Шапка / Фото: МИА

Разочарување предизвика објавата дека пред почетокот на зимската туристичка сезона, Владата одлучила да се затворат зимските скијачки центри!? Во „Службен весник“ број 263 од 4 ноември 2020, е објавена Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од ковид-19 и временскиот период на нивна примена, каде во членот 13 точка 10, стои дека „се затвораат за посетители – гости зимските скијачки центри“.

За потсетување, на почетокот на пандемијата, во март, меѓу другите уредби за да се пречи ширењето на заразата, Владата донесе иста ваква одлука. Сепак, неофицијално, се работи за превид, а веќе се најавува нова одлука и протоколи според кои ќе функционираат скијалиштата.

Но на социјалните мрежи се појавија реакции за ваквиот потег, иако сите ги земаат предвид високите бројки на новозаразени од ковид-19. Критиките одат во правец на фактот дека ова „ќе биде уште еден клин во тркалото на туризмот“.

Апсурдно е, велат инструктори за скијање, но и оние кои скијаат, да се потсетува дека скијањето е еден од спортовите, каде има минимален, па дури и воопшто нема контакт со други лица и дека тој се одвива исклучиво на отворено и на височини над 1.300 метри, каде ретко кога нема ветер. Спортистите со кои контактираше „Слободен печат“, препорачуваат Владата да си ја преиспита одлуката навреме, бидејќи престојот и спортувањето на отворено се од животно значење и за децата и за возрасните.

И Александар Атанасовски, долгогодишен инструктор по скијање, за „Слободен печат“ вели дека е можно ваквата одлука да е само препис на истата од март, но дека ако навистина се затворат скијалиштата, тоа ќе биде грев не само за граѓаните, туку и за туристичките работници, кои се надеваа дека ќе спасат нешто од бизнисот.

Реакции има и од туристичките работници, бидејќи се најавуваше дека веќе од декември на Маврово и на Шапка ќе скијаат белоруски и украински туристи. Имено, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот направи максимални напори да ја раздвижи барем зимската сезона, презентирајќи ја понудата пред туроператори од Белорусија и Украина. Се играше на картата дека нашите ски-центри нудат идеални услови за слободно скијање и сноубординг, а на скијачите би им се нуделе аранжмани од 5 до 7 дена. Дури се најави и отворање нова директна линија меѓу Киев и Скопје, со два лета неделно, со што би се зголемил бројот на украински туристи во земјава.

– Нејасно е зошто е сега донесена одлука за неотворање на ски-центрите за претстојната зимска сезона, кога во нашата земја временските услови и не дозволуваат таа да почне пред Нова година. Во споредба со нас, во некои центри во Италија, Австрија, Франција или во Германија, сезоната почнува многу порано, веќе кон средината на ноември, и таму одлуките за затворање имаат некаква логика. Дополнително, инфраструктурата во Маврово и на Попова Шапка е таква, што е можно да се спроведуваат ковид-мерки и држењето дистанца, бидејќи немаме гондоли и многу затворени простории. И сите други придружни активности исто така може да бидат организирани на отворено. Јасно е дека треба да има засилена контрола како се спроведуваат протоколите, како и секаде – пишува една наша читателка и скијачка.

На Фејсбук, реагираа од „Ски Македонија“, укажувајќи дека располагаат со ски-центри и ски-опрема, каде што ризикот за трансмисија на вирусот е сведен на минимум.

Голем интерес за годишни ски-карти

Ски-центарот во Маврово, наголемо се подготвува за претстојната зимска сезона, вели за „Слободен печат“ Огнен Циговски, директор на одморалиштето Маврово. Завршен е техничкиот прием на жичарницата и на ски-лифтовите, а веќе проработе и онлајн сервисот за вадење ски-карти.

– Очекуваме наскоро да биде готов новиот протокол за работата на ски-центрите, во кој учествуваме и ние. Во меѓувреме се подготвуваме и ако нема снег, сами ќе го направиме. Веќе се продадени над 370 годишни ски-карти, што говори за тоа колкав е интересот на граѓаните за зимските спортови, а потпишани се договорите со нашите стандардни партнери од Косово и Албанија, од каде што очекуваме гости во зимската сезона – додава Циговски. 

Сите ќе имаат корист ако работи ски-центарот Маврово

Медат Куртовски, градоначалник на Општина Маврово-Ростуше, на чија територија е еден од најубавите зимски центри во државава, за „Слободен печат“ вели дека Одлуката на Владата е стара и наскоро чекаат нова.

– Станува збор за стара одлука од март. Според моите сознанија, Владата ќе го разгледа одново ова прашање и ќе донесе нова одлука, секако земајќи ја предвид состојбата и прогнозите во однос на корона-кризата.

Ние би биле среќни ако стивне состојбата со ковид-19 и ако ски-центарот во Маврово работи во согласност со протоколите, кои ќе ги утврди Комисијата за заразни болести, од што и Општината и приватните стопанственици би имале финансиска добивка – вели Куртовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот