Скандалозно непочитување на медицинската етика: Во страв од вирусот болници и лекари се „самоизолираат“ од пациентите
Во болниците во Охрид и во Струмица лекари одбија да примат односно да прегледаат пациенти и да ја извршат својата професионална и етичка обврска. Ова е недопустливо, велат од Министерството за здравство.
Некои лекари изгледа најдоа специјален „лек“, не за борба против вирусот, туку за заштита од пациенти со сомнителни симптоми. Здравствен работник во Инфективното одделение во охридската Општа болница ги прекршил нормите – пациентка од Струшко, иако во тешка здравствена состојба, не била примена во болницата и таа почина во својот дом. Директорот на струмичката болница Наќе Гогов информираше дека струмички лекари одбиле да им направат задолжителна анкета на граѓани што дошле од Берлин и биле сместени во карантин во хотелот „Цар Самуил“ во Банско.
Препорачано
Државниот санитарен и здравствен инспекторат информираше дека и покрај тоа што за случајот веќе е поведена постапка од Основното јавно обвинителство, извештајот од истрагата во охридската болница ќе биде доставен до министерот за здравство и до сите надлежни институции, кои може да постапуваат по ова прашање. Директорката на болницата е разрешена, бидејќи има морална и професионална одговорност да ја организира работата за да не дојде до вакви случаи.
Сличен инцидент се случи и во Општата болница во Струмица. Директорот Наќе Гогов соопшти дека лекар специјалист одбил да направи интернистичка анкета со граѓани донесени во карантин во хотел во Бања Банско.
– Министерството побара нашата болница да направи интернистичка анкета од специјалист доктор интернист за да бидат запишани сите хронични болести и лекарства што ги земаат некои од граѓаните. Јас му се јавив на докторот Гоце Христов, кој рече дека не може да оди поради тоа што имал мало дете и требало да ѝ даде инфузија на баба му. Откако тој одби, формиравме друг тим, кој успешно ја заврши задачата – рече Гогов.
„Колеги што најгласно зборуваа, се сликаа и кажуваа дека не се работи доволно, дека има пропусти, наоѓаа замерки и се претставуваа како медицински херои по интернет и слично, одбија да ја направат интернистичката анкета која им е професионална задача. За среќа, има исклучок на колеги што сериозно ја земаат работата и се издигнаа на ниво на задачата – без да се направи нервоза и паника и сум сигурен дека успешно ќе ја спроведат анкетата“, напиша Гогов.
Сличен инцидент имало и во прилепската болница, кога пациентка со симптоми на тешко дишење и покачена температура не сакале да ја примат на лекување, иако имала упат. По инсистирање на семејството, таа е примена во болницата.
Директорката на Здравствениот и санитарен инспекторат Ирина Бухова за „Слободен печат“, вели дека ниеден пациент не смее да биде вратен од болницата и не постои никакво ограничување за прием поради ширењето на новиот вирус.
– Пациентот што има упат за болничко лекување, мора да биде примен. Ако болницата нема инфективно одделение, тогаш треба да има изолирана амбуланта каде што ќе може тој да биде прегледан и во зависност од состојбата во која се наоѓа, да биде донесена одлука каде ќе биде лекуван понатаму. За сѐ има пропишано процедури и протоколи и нив мора да ги следат сите здравствени работници и здравствени установи во земјава – вели Бухова.
На прашањето дали лекарите можеби се плашат да не се инфицираат па затоа ги одбиваат пациентите, таа вели дека додека се следат протоколите за заштита, не треба да има проблем, за што како доказ ја посочува Инфективната клиника каде досега нема ниеден заболен од персоналот.
Од Министерството за здравство објаснуваат дека пациентите со лесна клиничка слика со лабораториски потврден ковид-19 и со други придружни заболувања како и пациенти кај кои постојат услови во семејството од зголемена трансмисија, се лекуваат на инфективните одделенија во болниците.
Пациентите потврдени на ковид-19, кои се со лесна клиничка слика и без други хронични заболувања, задолжително треба да бидат следени од инфектолог, генерално по пат на телефонско јавување.
Пациентите потврдени на ковид-19 доколку имаат потреба од медицинска интервенција за друга состојба (хирургија, кардиологија и др.) се упатуваат до општата болница „8 Септември“ во Скопје.
Пациентите со возило на Итна медицинска помош, кои се позитивни на ковид-19, со специјален упат и по проценка на инфектолог од општите болници или клиничките болници, кај кои состојбата е таква да не може да се лекуваат на нивните инфективни одделенија, се транспортираат до Клиниката за инфективни болести со претходна телефонска најава.
Министерот за здравство Венко Филипче најави дека ќe санкционира лекари што се сомневале дека имаат коронавирус, а доаѓале на работа. Најмалку 17 здравствени работници се заболени од коронавирусот.


