Фото: Needpix

Скандал во Германија: Зоолошка градина усмрти 12 здрави бабуни и покрај протестите

Просторот во Зоолошката градина во Нирнберг наводно долго време бил претесен. Затоа, велат тие, имало чести конфликти во кои бабуните се повредувале. Директорот рекол дека преместувањето во други институции не било можно. Контрацепцијата не успеала, а пуштањето во дивината и проширувањето на просторот не доаѓале предвид, јавува ДПА.

Поради недостаток на простор, Зоолошката градина во Нирнберг убила 12 бабуни. Градината го соопшти ова во вторникот. Организациите за заштита на животните истакнуваат дека убивањето мајмуни е противзаконско.

Организациите Про вајлдлајф (Pro Wildlife), Германското здружение за заштита на животните и Германското правно друштво за закон за заштита на животните најавиле дека ќе поднесат кривични пријави.

Зоолошката градина уште во февруари 2024 година објави дека планира да ги убие „вишокот“ бабуни. Организациите за заштита на животните остро го критикуваа тоа во тоа време. Во меѓувреме, протестите станаа сè погласни.

Во вторникот, според наводите на полицијата, активистите влегле во градината низ една порта. Некои се залепиле за подот. Полицијата привремено ги привела.

Зоолошката градина претходно ненадејно објави дека тој ден ќе остане затворена „од технички причини“.

Организацијата „Енимал ребилијон“ (Animal Rebellion) потоа повикала на протест пред влезот.

Оградениот простор за бабуни веќе долго време бил премногу тесен.

Според наводите на градината, тука до неодамна живееле повеќе од 40 животни, иако просторот е наменет за 25 возрасни мајмуни и младенчиња.

Поради тоа, како што велат, имало сè почести конфликти во кои животните се повредувале.

Градината наведува дека немала друго решение освен да усмрти некои животни.

Преместувањето во други институции, според зборовите на директорот Даг Енке, не бил можен.

Контрацептивните импланти кај женките не дале резултати. Ниту пуштањето животни во дивината, ниту проширувањето на областа, не доаѓале предвид.

„Она од што се плашевме се случи. Здрави животни морале да умрат затоа што една Зоолошката градина веќе со децении неодговорно одгледувала животни и не развила одржливи решенија“, соопшти Pro Wildlife.

Организациите исто така стравуваат дека убивањето на бабуните нема да биде единственото.

„Убивањето на бабуните претставува опасен преседан – нема да заврши на тој еден вид откако ќе се воспостави практиката на убивање на несакани животни во зоолошките градини“, рекла Лаура Зодроу од „Про вајлдлајф“.

Според наводите на Германското здружение за заштита на животните, убивањето животни во зоолошките градини е „вообичаена практика“.

Во многу градини, животните дури и плански се одгледуваат за да служат како храна за лавови, тигри и други месојади.

Исто така, и вишокот животни се убиваат и се претвораат во храна.

Сепак, ваквите случаи одново предизвикуваат негодување, како што беше случајот во 2014 година кога жирафата Мариус беше убиена во Копенхаген, или во 2023 година кога зебра беше убиена во Лајпциг.

Директорот на Зоолошката градина во Нирнберг тврди дека протестите се особено гласни сега затоа што во прашање се мајмуни – блиски сродници на луѓето.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот