Скандал Онкологија: На кого му се даваат остатоците од вијалите и зошто генерички лек е поскап од оригинатор?

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Еден извештај од контрола извршена на Клиниката за Онкологија на почетокот на годинава, ги спротистави обвинителството и пратениците. Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески и пратениците од Анкетната комисија за скандалот Онкологија, во петокот главно дискутираа за тоа дали во оваа комисија се прекршуваат надлежностите, односно дали се компромитира предистрагата која ја води обвинителството. На таков став, дека Анкетна комисија е недозволлива во период кога се води предистрага е и претседателот на основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев.

Истите луѓе кои што се повикувани како извори на информации во предистрагата на ОЈО, впрочем седнаа пред пратениците како сведоци во Анкетната комисија задолжена за утврдување евентуална политичка одговорност.  Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прес-конференција пред новинарите презентираше извештај од контрола која на Онкологија ја спровел Фондот за здравство, а во него се констатирани неправилности. Обвинителот Јовески рече дека не станува збор за некаков документ од „свиркачи“ како што тврдеше Мицковски, туку за официјален државен документ кој предистрагата веќе го има во своите прибрани списи.

Што има во извештајот на Фондот за здравство за Онкологија во 2023 година?

 

Во извештајот кој го изготвила републичката инспекторка Ирена Јурук, а со кој се согласил директорот на секторот финансиски прашања Миле Сугарев, се наведуваат состојбите што Фондот за здравство ги пронашол на Клиниката за онкологија кога направил вонредна финансиска контрола на лековите од условниот буџет. Вонредната финансиска контрола е извршена од 21 март до 4 април годинава. Условниот буџет пак, е најдискутираниот откако Државниот завод за ревизија во својот извештај констатираше дека Клиниката за онкологија во 2021 година го пречекорувала овој условен буџет, односно набавувала биолошка терапија за пациентите за многу повеќе пари отколку што имала одобрено и на располагање. Според извештајот од направената контрола на ФЗОМ, пациентите и годинава останувале без лекови во одредени временски периоди, затоа што биле прекршени договорите за јавни набавки склучени меѓу Клиниката и веледрогериите.

„Добавувачите согласно договорите се должни да ги испорачаат лековите во рок од 5 дена или 10 дена. Иако доцнат со испораките при што пациентите воопшто не ги примаат лековите или ги купуваат на сопствен трошок, не е испратен ниту еден допис од одговорните лица за да се надмине ова, не е раскинат договорот, не е дадена негативна референца за него, ниту пак е известено Бирото за јавни набавки. За овој проблем никој не презема одговорност да побара официјални одговори од дистрибутерите за причината на доцнењето. Ниту еден добавувач не е предупреден, ниту му е дадена негативна референца за неиспорака и не е добиен одговор од дистрибутерите зошто не се испорачува навремено робата според договорот“, констатира Фондот за здравство.

 Се наведува и дека на одделенијата за лежечки пациенти, во амбулантските дневници медицинскиот персонал го запишувал и остатокот од некои вијали, дека е издаден на соодветниот и друг пациент со цел да се заштеди вишокот на лекот, но немало писмен траг, односно интерна книга дали се фрлени остатоците од вијалата или кому се дадени за да се доискористи лекот од вијалата. Со КАТО системот кој бил ставен надвор од употреба и не бил надоградуван за да се доведе до неговата највисока функционалност, ова би било невозможно, бидејќи системот би ги користел флашите цитостатици до максимум искористеност и така би се штедело на лекови. 

Фондот за здравство при финансиската контрола забележал и случаи каде на пациентите им биле давани лековите за интравенска апликација да им бидат аплицирани во Клиничка болница Битола или во „Систина“.

Фондот имал и недоумици, односно прашања за кои сметал дека се нејасни на Клиниката за онкологија.

Нејасно е зошто за некои лекови се направени анекси и се прават залихи, а за други дефицитарни, ако се претпоставува дека следните нарачки би биле дури за два месеци. За некои лекови е искористена законската можност да се набават дополнителни количини во износ од 20 проценти од вредноста на набавката за тој лек, а за некои, пациентите се оставени без терапија или сами ги набавуваат по малопродажни цени во аптеките на истите или други добавувачи без право на рефундација. Нема писмен допис зошто се одбираат два понудувачи, за оригинатор и генерички лек и кој ги одредува количините за тендер и во кој сооднос, односно нема еден најповолен понудувач со најниска цена, се набавува ист лек од два набавуваи, со различна цена, но без писмено објаснување кога, колку и зошто се набавува така, пишува во извештајот на ФЗОМ од извршената вонредна финансиска контрола за условниот буџет на Онкологија.

Одредени лекари не ги реферирале воопшто лековите за новите пациенти и самостојно одлучувале за промена на терапијата или за започнување на нови тераписки режими, без конзилијарно мислење или опис за медицинска оправданост за измената. Нотирани се неколку случаи за препишување на лекови за индикации кои не се одобрени.

Одделот за карцином на дојка не приложува специјалистички извештаи од „Мој термин“ туку во сосема друга форма, каде потешко се следи текот на заболувањето, испитувањата и терапијата. Во централниот компјутер на шалтерот можно е да се испечатат и двете верзии, но не се печатат извештаите од прегледите на начин уреден и стандардизиран како за целата клиника.

Препораките од Фондот за здравство за Клиниката е да се формира група од правната служба, составена од координатор со двајца заменици, кои ќе им укажуваат на добавувачите по секое доцнење на испораката, откако ќе добијат писмен допис од аптеката.

Да се усогласат цените бидејќи понудувачите ја искористуваат својата монополска позиција и можноста да продаваат по максималната дозволена цена. Има и случаи каде генериката е поскапа од оригинаторот, констатира ФЗОМ.

Онкологија во Црна Гора се фали со КАТО

 

Пред две недели, доктор Сања Лекиќ, директорка на Институтот за онкологија во Клиничкиот центар во Црна Гора, се пофали дека оваа водечка здравствена институција во Црна Гора, почнала да употребува КАТО систем. Истиот оној кој Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје го има, ама не го користи од 2017 година.

-Изградбата на овој систем е капитален проект од национално значење за нашата земја, бидејќи опфаќа припрема на специфични онколошки терапии за сите установи во Црна Гора, а со која ќе им оставиме на идните генерации современа онколошка служба, спремна да одговори на предизвиците, со оглед на тоа што се проценува дека бројот на онколошки пациенти ќе порасне дури 47 проценти до 2040 година, порача доктор Лекиќ.

Станува збор за софистициран систем кој покрај модерните комори за подготовка на цитостатици и имунотерапија, опфаќа и софтвер КАТО, компјутерски систем за закажување и примена на специфични онколошки терапии.

-Овој систем овозможува исполнување на законските норми за заштита на работното место, што овозможува подобра и ефикасна заштита на вработените сестри и техничари кои ја аплицираат терапијата, како и на лекарите кои работат во дневната болница и на одделенијата споредено со сегашниот начин на подготовка. Со КАТО се сведува на минимум можноста за изложеност на зголемени дози цитотоксични и мутогени материи. Овој систем овозможува компјутерски документирана подготовка и апликација на точин дози на лековите спрема утврдените онколошки протоколи, кои се прилагодени на лабораториските наоди на пациентите, со потполно исклучување на човечкиот фактор како причинител на грешка, така што можноста за грешка при спремањето и апликацијата на овие терапии не постои, додаде директорката Лекиќ.

Таа додаде дека во сите онколошки установи во кои е имплементиран овој систем, дошло до значајна заштеда на пари, поради комплетната искористеност на содржината на ампулите на лековите, подобро нивно чување и одржување на микробиолошката стабилност на непотрошениот остаток, што доведува до  корист за целиот црногорски здравствен систем.

Меѓу бенефитите од имплементацијата на КАТО системот според Клиничкиот центар Црна Гора, се заштитата на вработените од штетното мутогено дејство на цитостатиците, прецизно дозирање и асептични услови при подготовката на цитостатиците, јасни протоколи и насоки во склоп на софтверското решение, планирање на термините за примање на дозата еден ден однапред и намалување на гужвите и чекањето за примање на терапијата а овие бенефити ќе ги користат и другите одделенија каде се аплицира биолошка и имунотерапија во Црна Гора (хематологија, детска онкологија, неврологија, ревматологија, гастроентерологија).

За државата Црна Гора пак, КАТО системот ќе допринесе да има значајна заштеда на пари, затоа што нема да се фрлаат неискористени милилитри терапија.

-Фрлање на неискористените милилитри терапија е невозможно, се е прецизно испланирано и непотрошениот дел од лекот се чува херметички затворен во асептични услови. Се јавува можност за децентрализација на онколошката служба во смисла на можноста за примена во центрите на северот и југот на Црна Гора каде терапијата би се припремала на Институтот за онкологија и би се транспортирала во поблиски места на живеење на пациентите што ќе ги намали трошоците за патување. Ова ќе им заштеди на пациентите време кое го трошат на патување, чекање и враќање, време кое би можеле да го користат за подобрување на квалитетот на живот од социјално и психолошки аспект, наведуваат од Клинички центар Црна Гора.

Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопје, уште не го става во употреба КАТО системот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот