Сите за единство, единство никаде!

Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ / Локални избори 2021 - 17 октомври / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Премиерот Ковачевски повтори дека разговорите со Бугарија од наша страна се водат во духот на европските вредности, при што за идентитетските прашања на македонскиот народ не се разговара, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ не е уверена во овие тврдења и обвинува дека СДСМ нема чесни намери.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ нуди помош да се постигне единство во Собранието и решение за спорот со Бугарија, премиерот Димитар Ковачевски повикува на исто такво единство, а „на терен“ двете страни продолжуваат да дејствуваат крајно конфронтирачки. Ковачевски останува на ставот дека како власт се доволно транспарентни за содржината на разговорите со Софија и штом ќе се постигне договор, јавноста и институциите ќе бидат информирани, како и дека решението нема да задира во македонскиот идентитет. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, пак, се сомнева во тоа и вели дека СДСМ нема чесни намери во спорот со Бугарија и го поткопува темелот на Македонија, а доказ гледа во одбивањето на декларацијата за Гоце Делчев.

Според аналитичарите, тешко ќе се постигне единство со секојдневното обвинување. Дел сметаат дека на опозицијата ѝ одговара да нема решение со Бугарија за да остане ветото за ЕУ, па власта побрзо да падне, а дел велат дека токму решение ѝ одговара на опозицијата за да не мора после таа да го решава тешкото прашање.

Ранѓеловиќ: На ВМРО-ДПМНЕ му одговара СДСМ да го реши спорот

Според политикологот Иво Ранѓеловиќ, привилегија е да сте опозиција во моменти кога се решава прашање од национален интерес.

– Уште поважно, кога спорот е од сентиментален карактер, најпотребно е да преовлада разумот и да се покаже политичка култура. Владата мора да обезбеди макар и неформален консензус и да биде потранспарентна во преговорите со Софија, иако тоа во дипломатијата е често проблем. Во тој контекст, сметам дека на опозицијата повеќе ѝ одговара владата токму сега да го реши спорот со Бугарија за да избегне одговорност за евентуално „болно“ решение. Таквиот чин ќе го легитимизира повикот за нови избори и ќе ја кредибилизира евентуалната нова власт – вели Ранѓеловиќ за „Слободен печат“.

Премиерот Ковачевски повтори дека разговорите со Бугарија од наша страна се водат во духот на европските вредности, при што за идентитетските прашања на македонскиот народ не се разговара, додавајќи дека ние сме македонски народ што зборува македонски јазик, што е запишано во нашиот Устав.

– Во однос на другите прашања што се разговараат, нормално, кога ќе има напредок и кога ќе се дојде до решение кое е прифатливо, тоа ќе се сподели со јавноста, но и со институциите што ќе бидат задолжени за одобрување на едно такво решение. Сите разговори што се водат со Бугарија најтранспарентно се споделуваат со јавноста – рече Ковачевски во интервју за „Сител“.

Прашан дали декларацијата за Гоце Делчев ќе штети на овој процес, Ковачевски рече дека неговото дело не треба да биде предмет на декларација што е направена само од политикантски и дневнополитички причини за да може опозицијата да има тема со која ќе ги попречува разговорите и да креира атмосфера на недоверба. Според него, декларацијата не била поддржана од ниту една партија во парламентот.

Премиерот Ковачевски нагласи дека во последниот период преку работните групи помеѓу двете влади на Северна Македонија и на Бугарија и другите институции од реалниот сектор се гради атмосфера на доверба меѓу двете држави и меѓу граѓаните.

Во врска со средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, Ковачевски рече дека ќе има средба кога ќе има теми за кои ќе треба да се разговара.

Николоски: Преговорите ги подриваат темелите на државата

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Николоски вели дека Декларацијата за заштита на ликот и делото на Делчев ја поднеле затоа што е 150-годишнина од неговото раѓање, а власта не презема никакви активности за одбележување, додека бугарската држава организираше многубројни манифестации и издадоа почесна монета. Со одбивањето на декларацијата, вели Николоски, СДСМ покажа дека се против зачувување на ликот и делото на Гоце Делчев.

– Загрижувачки е фактот што и другите клучни историски личности од илинденскиот период се дел од преговорите со Бугарија и тоа значи подривање на темелите на македонската држава – изјави Николоски за ТВ Канал 5.

Во врска со тоа дали е можно решение со Софија во овој момент, тој рече дека нема добра волја од бугарска страна и дека голем проблем е што македонската влада не покажува добри резултати на другите полиња за да може да се изврши притисок врз Бугарија.

– Најмоќните земји во ЕУ не се убедени дека Македонија треба да почне преговори, пред сè поради лошиот перформанс во делот на спроведување реформи и борба со организираниот криминал и корупцијата. Сметаат дека непостоењето функционален систем на владеење на правото и корупцијата со која никој не се бори, ја подриваат државата и затоа не вршат притисок врз Бугарија. Да беа убедени, проблемот може да биде решен за едно пладне – рече Николоски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери вели дека Собранието треба да се вклучи во решението со Софија, но во подоцнежна фаза.

– Јас верувам во преговорите и верувам во соодветно решение. Треба да се вклучиме како Собрание, но во подоцнежна фаза. Сега на Владата е надлежност да ги води преговорите – рече Џафери за ТВ24.

На прашањето дали ги знае сите детали од преговорите со Бугарија, Џафери рече дека го знае тоа што треба да го знае, а за тоа дали се разговара за македонскиот јазик рече „колку што знам, не“.

Тој смета дека е можно да се постигне договор со Бугарија и вели дека по природа е оптимист.

За обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ, спикерот нагласи дека не постапил антидржавно туку според процедурата, чека материјалот за Декларацијата за Гоце Делчев да се преведе и таа да биде доставена до сите пратеници, а потоа ќе биде предмет на дневен ред. За него во Декларацијата нема ништо спорно и ја гледа како програма за одбележување на јубилејот.

Марфи: Катастрофа е ако дозволиме Бугарија да ѝ застане на патот на Македонија кон Европа

Катастрофа е ако не можеме да обезбедиме напредок и дозволиме Бугарија да застане на патот на Македонија кон Европа, изјави демократскиот сенатор од Конектикат Крис Марфи на сослушување за Западен Балкан во Сенатската комисија за надворешни работи. Тој побара САД да одиграат активна улога во процесот на преговори меѓу двете држави, како и да ѝ стават јасно до знаење на Бугарија дека е во нејзин интерес, како балканска држава, да осигури дека има пат кон ЕУ за РС Македонија и за Албанија, јави „Гласот на Америка“.

– За мене е катастрофа ако не можеме да покажеме напредок кон Европа. И зошто би дозволиле една држава да застане на патот – рече Марфи.

Тој го праша специјалниот претставник на Стејт департментот за Западен Балкан Габриел Ескобар, што САД би можеле да направат повеќе за да се тргне бугарското вето и дали разговорите меѓу двете нови влади ќе дадат резултати.

– И Бугарија и Северна Македонија се наши ценети сојузници во НАТО. Отсекогаш била наша надеж дека тие можат да ги решат нивните разлики преку конструктивен дијалог и преговори во добра волја. И двете нови влади ни дадоа гаранции дека тоа се случува, и затоа ние го поддржуваме тоа и се надеваме дека може да дојде до заклучок во разумен период – одговори Ескобар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот