„Сите камиони ќе застанат“: Новите правила за престој во ЕУ ги разлутија превозниците од регионот
Претседателот на Меѓународното здружение за транспортен бизнис на БиХ, Неѓо Мандиќ, за Еуроњуз Србија, меѓу другото предупреди дека до 10 април, мнозинството возачи од Србија, БиХ и Македонија нема да можат да влезат во ЕУ и ќе има колапс што никој не го сака. Билјана Муратовска, генерална секретарка на „Макам транс“ е децидна дека новиот начин на регистрација е нетарифна бариера и меко воведување на визи
Превозниците од регионот се револтирани од недостигот на слух за нивните проблеми предизвикани од новите правила за престој во Шенген зоната и најавуваат целосно запирање на дотурот на стоки. Засега нема ништо од ветувањето дека овој сектор ќе биде изземен од новите правила за регистрација во ЕУ, кои стапија на сила на 12 октомври. Транспортерите со месеци укажуваат дека бараат ист третман како авионскиот, бродскиот и железничкиот екипаж, кои се ослободени од правилото 90 дена во рок од 180 дена во рамките на ЕУ.
Препорачано
Во меѓувреме, Здруженијата на меѓународни превозници од Србија и Босна и Херцеговина испратија заедничко предупредување до Европската комисија и амбасадите на земјите од Шенген зоната дека ќе ги блокираат терминалите за товарен сообраќај на границите со ЕУ доколку проблемот со примената на правилата за престој на возачите во Шенген зоната не се реши итно.
Претседателот на Меѓународното здружение за транспортен бизнис на БиХ, Неѓо Мандиќ, за Еуроњуз Србија меѓу другото предупреди дека до 10 април, мнозинството возачи од Србија, БиХ и Македонија нема да можат да влезат во ЕУ.
„Значи, сите камиони ќе запрат, сите синџири на снабдување ќе запрат и ќе има колапс што никој не го сака“, додаде Мандиќ.
Билјана Муратовска, генерална секретарка на „Макам транс“ е децидна дека новиот начин на регистрација е нетарифна бариера и меко воведување на визи.
Транспортерите велат дека предупредувањата се испраќаат до Европската комисија со години, а последното потпишано во Бијелина е проследено до надлежните органи во Белград и Сараево.
„Интензивно пишуваме до Европската комисија веќе неколку години, особено во последната година. Нормално, ги испраќаме сите предупредувања и писма што ги испраќаме до нашите власти за да знаат што правиме и да ја добиеме нивната поддршка“, рече Мандиќ.
Тој нагласи дека правилото за 90 дена престој во 180 дена повеќе не е одржливо по проширувањето на Шенген.
„Објаснувањето дека ништо не се променило е неточно, бидејќи ако имало пет земји, тоа е една територија, а ако денес имаме 27 земји, тоа е неспоредливо поголема територија. Денес, Шенген е на нашата граница. Во моментот кога ќе го запалиме камионот, веќе сме влегле во Шенген, тие 90 дена од 180 дена не се доволни за работа“, додаде Мандиќ.
Тој рече дека возачите масовно ќе се префрлат на превозници од ЕУ за да избегнат ограничувања.
„Возачот не сака тоа да му се случи, бидејќи тогаш повеќе нема да може да работи. Потоа ќе ја напушти нашата компанија, ќе оди во словенечка, германска, хрватска или која било друга компанија и ќе продолжи нормално да работи таму. Ситуацијата е влошена од повеќедневните чекања на границите, а блокадата би се однесувала само на товарниот сообраќај со цел да се бори за опстанок на превозникот, нагласи Мандиќ, објави Данас.
И Билјана Муратовска, генерална секретарка на асоцијацијата „Макам Транс“, за „Слободен печат“ во неколку наврати оцени дека македонските превознички фирми веќе се интересираат за преселба на капиталот во Словенија, Бугарија, Чешка и Полска за да им обезбедат работни дозволи на возачите и непречено да продолжат со својот бизнис. Таа додаде дека доколку државата не преземе посериозни чекори, државата ќе ја напуштат и оние малку транспортери што останаа. Муратовска додава дека нашите институции најверојатно ќе се свестат кога во земјава ќе се почувствува нагласен недостиг од стока, која во 96 отсто од случаите се пренесува со камиони.
Во моментот најголема побарувачка на возачи на тешки камиони и автобуси има во Германија, Франција, Полска, Луксембург и Литванија. Полска, на пример, нуди месечна плата од 1.700 до 2.540 евра месечно со спонзорирана работна виза и сместување. Во Луксембург месечната плата е од 2.500 до 3.000 евра со здравствено осигурување и бонуси, во Германија се нуди плата од 2 до 2.800 евра месечно со платена храна и пензиски план, а пак Литванија нуди плата од 1.800 до 2.300 евра, бонуси за долги релации и работна дозвола.
– Многу сме разочарани и лути од третманот не само на европските власти, туку и од нашите. Сега сите се насочени кон изборите и битката сами ја водиме. Проблемите со регистрацијата на нашите членки почнаа уште пред неколку месеци, а на европските патишта се почесто се случува да се запираат камиони полни со стока, бидејќи времето на дозволениот престој на возачот истекло, па додека компанијата да прати друг возач, натоварените камиони се оставаат каде ќе се затекнат без надзор. Тоа се огромни трошоци. Се однесуваат кон нас како случајни играчи, иако сме едни од најголемите инвеститори, но нашата инвестиција била на „тркала“ – истакна Муратовска.
Според претходните анализи на ОН, годинава во светот има недостиг од 2 милиони камионџии, а со последните проекции до 2028 година оваа бројка ќе порасне за дополнителни 500 илјади камионџии.
И да не е новиот систем за регистрација, границите и чекањето во место го уништуваат патниот транспортен превоз. Извештајот на Светска банка покажа дека возачите на камиони непотребно губат 26 милиони часа (речиси 3.000 години) чекајќи на граничните премини на земјите од Западен Балкан, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Македонија, Косово и Албанија.


