Сите четвртфинални двојки на Евро 2020, дербито ќе се игра во Минхен
Со денешните натпревари помеѓу Англија – Германија и Украина – Шведска заврши осминафиналето на Евро 2020, а последни кои извадија билет за четвртфиналето се Англија и Украина.
Сега ќе следи дводневна пауза, а потоа на 2. и 3. јули ќе се играат четвртфиналните натпревари, по два на ден.
Први на терен ќе излезат Швајцарија и Шпанија кои играа продолженија во осминафиналето. Натпреварот ќе се игра во Санкт Петербург од 18 часот, а истиот ден, на 2. јули од 21 часот во Минхен ќе се игра дербито во четвртфиналето помеѓу Белгија и Италија.
Наредниот ден, на 3 јули, во Баку од 18 часот ќе се сретнат Чешка и Данска, додека од 21 часот во Рим ќе играат Англија и Украина.
Според програмата, завршницата на Евро 2020 ќе биде во Лондон на „Вембли“ стадионот. Првото полуфинале ќе се игра на 6 јули и во него ќе играат победниците од дуелите Швајцарија – Шпанија и Белгија – Италија, а наредниот ден ќе се игра второто полуфинале во кое ќе играат подобрите од дуелите Чешка – Данска и Англија – Украина. Финалето ќе се игра 11 јули исто така на „Вембли“ во Лондон.