За две децении нивото на сиромашни жители ќе се спушти под 2 отсто - Фотографија ЕПА

Сиромаштијата може глобално да биде искоренета до 2050 година

Оптимистичките прогнози не значат дека ќе бидат надминати сиромаштијата и длабокиот јаз на нееднаквата распределба на богатството, но посилниот развој подразбира постабилни работни места и приходи

Екстремната сиромаштија на глобално ниво може целосно да биде искоренета до 2050 година поради економскиот раст во земјите со помали приходи, укажуваат експерти.

Во новиот извештај на Центарот за глобален развој се истакнува дека кризата поради пандемијата на ковид-19 го запрела напредокот за искоренување на сиромаштијата, но и дека последиците имаа ограничен карактер.

– Знаеме дека светот ќе изгледа многу поинаку во 2050 година и дека климатските промени се најголемиот предизвик за иднината. Но, не смееме да дозволиме тоа да го прекрие фактот дека континуираниот економски развој треба да придонесе повеќе да нема ниту еден човек во екстремна сиромаштија – истакнува Чарлс Кени, еден од авторите на извештајот.

Тој додава дека оптимистичките прогнози не значат дека ќе бидат надминати сиромаштијата и длабокиот јаз на нееднаквата распределба на богатството, но посилниот развој подразбира постабилни работни места и приходи.

Проекциите говорат дека во 2050 година повеќе нема да има „земји со ниски приходи“, како што се квалификуваат земјите чиј бруто национален производ на жител е понизок од 1.085 долари.

Екстремната сиромаштија е дефинирана како преживување со помалку од 2,15 долари на ден. Во таа категорија денес се опфатени 8 отсто од светското население. Врз основа на историски податоци за движењето на приходите, демографските промени, образованието и температурата, проекциите укажуваат дека под прагот на екстремна сиромаштија во 2050 година ќе има само 2 отсто од популацијата. Во Африка, каде што таа е најизразена, процентот ќе се намали од денешните 29 на само 7 отсто. Над прагот од сиромаштија, дефиниран како приход до 10 долари на ден, во 2050 година ќе бидат две третини од населението, за разлика од 42 отсто денес.

Проекциите укажуваат дека најразвиените земји ќе бележат најмал развој и дека во 2050 година бруто-националниот производ по жител ќе биде за само 20 отсто повисок отколку што бил во 2019 година, но кај земјите со средни и со ниски приходи тој двојно ќе се зголеми во идните две децении.

Експертите додаваат дека до ваквите показатели ќе се стигне „само ако секој постапува како што треба“.

– Ако нешто сме научиле во изминатите сто години, тоа е дека луѓето не го правеле тоа што треба. Глобалната сиромаштија со децении се намалуваше, сѐ до пред три години, кога почна да се зголемува поради низа фактори, главно поради пандемијата на ковид-19, но и поради други нешта – вели експертот Ратин Рој.

Тој, сепак, ги смета за остварливи проекциите од Центарот за глобален развој и дека е многу важно секоја земја да се грижи за најранливите.

– Фактот дека сиромаштија сѐ уште има во земји како Обединетото Кралство или САД докажува дека не е доволно само да се одржува високото ниво на приходи. Ако било така, децата не би оделе гладни во училиште. Луѓето не би губеле работни места и не би страдале поради недостиг од лекови. И, не би имале бездомници и народни кујни во земјите со просечен приход од 44.000 долари по жител – истакнува Рој.

Авторот Кени забележува дека проектираниот развој е обратно пропорционален на просечната возраст на населението, која е повисока во богатите земји и пониска во посиромашните.

– Демографските трендови се попозитивни за земјите со средни и со ниски приходи – заклучува Чарлс Кени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот