Силвана Костиќ од Скопје крајно разочарана од институциите: Во пандемија ми ја укинаа туѓата нега, нови бубрези нема да ми пораснат!

Силвана Костиќ од Скопје е пациентка на дијализа 21 година. На почетокот, морала да поднесува документи за добивање надоместок за туѓа нега од 4.500 денари еднаш на две години, ама сега, во време на пандемија, тоа од неа се бара да го прави секоја година. Уште поскандалозно е што за оваа критична група на граѓани, во моментов нема формирано стручна комисија за добивање конзилијарно мислење, па туѓата нега им е практично укината, иако се на возраст од 65 години!

Костиќ има и мислење од матичен лекар во кое пишува дека таа може да се движи надвор од собата со помош на друго лице, вклучително и во тоалет. Во мислењето пишува дека таа не може сама да се облекува, односно дека и е потребна помош за тоа,  како и дека и е потребна голема помош за да се премести од кревет на столче и обратно. Во мислењето од матичен лекар пишува дека на пациентката исто така и е потребна помош да се качува по скали.

– На дијалииза сум од 1999 година и досега секои две години поднесував барање за продолжување на туѓата нега. Пациенти со истата дијагноза шифра Н18, добиваат решенија за доживотна туѓа нега со само една година на дијализа, а јас со 21 година, немам решение. И последното не сум го добила, ниту некој ме известил дека го намалиле периодот на неговото времетраење на една година. Сега не можам да поднесам нови документи, иако ми се подготвени, зашто нема термин за конзилијарно мислење. Ми го скинале терминот и не може да закажам нов зашто комисиите на Министерството за здравство не функционираат.  Навистина не знам каде да одам да се жалам. Живо малтретирање е секоја втора година да поднесуваш документи за здравствена состојба која нема да се промени. Зарем мене бубрезите ќе ми израснат, зарем е ова заб, ќе го извадиш и ќе порасне, револтирано прашува пациентката во изјава за Слободен печат. 

Последен пат документите ги поднела на 10 декември 2019 година, но не добила решение, ниту известување за поднесување на нови документи, па заклучно со февруари годинава, туѓата нега и е прекината.

Таа очекува барем половина година Министерството за здравство да не формира вакви комисии што даваат конзилијарно мислење, па да биде оштетена за повеќе од 600 евра кои иако не се многу пари, сепак и помагаат да набави по некое лекарство.

– Моментално сум и ковид позитивна. На приватно правам снимки, на приватно купувам клексани и никому за тоа не му е грижа. Важно тие немаат комисија и пријатно. Уште и на среде пандемија ми ја скратија туѓата нега, вели Костиќ.

Од Министерството за труд и социјала за Слободен печат велат дека дијагнозите на болести за остварување на правото на надоместок за помош и нега од друго лице се  определени и утврдени според Меѓународната статистичка класификација на болестите и сродните заболувања на СЗО. Во посебна листа се селектирани оние ентитети кои доведуваат до тешки оштетувања на физичките и менталните функции и намалување или губење на функционалната способност на лицето за самостојно извршување на секојдневните активности за задоволување на основните животни потреби – листа на трајни и привремени промени на здравствената состојба.

„Листата  на трајни и привремени промени на здравствената состојба е составен дел на Правилникот за начинот и условите за остварување на правото на надоместок за помош и нега од друго лице (Сл.весник на РСМ бр.126/19). Бидејќи се работи за здравствен проблем, Министерството за труд  не може да даде одговор на прашањето дали лицата кои одат на дијализа се во категорија на лица на кои им следува надоместок за помош и нега од друго без потреба од контролен преглед. Одговор можат да дадат лекарските  комисии формирани од страна на Министерот за здравство. Времето на користење на правото го определуваат стручните лекарски комисии, кои се во надлежност на Министерството за здравство. Во периодот на ковид пандемијата, лицата кои поднесуваат барање за остварување на правото на надоместок за помош и нега од друго лице не  одат на непосреден преглед во комисиите.  Комисиите носат наод, оцена и мислење исклучиво врз основа на медицинската документација, која ја разгледуваат во електронска форма, со впишување на матичниот број на подносителот на барањето“, велат од Министерството за труд и социјала.

Сепак, оттаму признаваат дека има проблем со недостаток на термини за конзилијарно мислење.

„Термините за правото на надоместок за помош и нега ги пуштаат исклучиво комисиите за туѓа нега и се во надлежност на Министерството за здравство. МТСП е во координација со МЗ за надминување на проблемот со недостаток на термини”, велат од Министерството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот