Сиљановска-Давкова – мултитаскинг претседателка: Шефицата на државата е обврзана да има советници за надворешна политика и за национална безбедност
Практиката за овие прашања да ги користи „услугите“ на вработени во Кабинетот, според експертите и познавачите на работите, не е најсоодветното решение, особено во време на речиси тектонски промени во политичко-безбедносната состојба на глобалната сцена.
Македонската претседателка е еден од ретките шефови на држави која нема постојани советници за надворешна политика и за национална безбедност иако надлежностите на институцијата Претседател во најголем дел се однесуваат токму на надворешната политика и на безбедноста. Практиката за овие прашања да ги користи „услугите“ на вработени во Кабинетот, според експертите и познавачите на работите, не е најсоодветното решение, особено во време на речиси тектонски промени во политичко-безбедносната состојба на глобалната сцена. Ако се суди според веб-страницата на претседателката, единствен советник е оној за воени прашања, бидејќи друг податок нема, ниту за постојани ниту за надворешни советници.
Препорачано
На прашањето на „Слободен печат“ дали претседателката Гордана Сиљановска-Давкова има советник за надворешна политика, ако има кој е, а ако нема, зошто нема, со оглед дека Претседателот на државата има ингеренции во надворешната политика од Кабинетот од Водно одговорија дека ангажманот на советници е нормативно право, но не и обврска на Претседателот.
– Во моментов, нема ангажирано советник за надворешна политика, но добива про-боно совети од експерти по меѓународно право и меѓународни односи, како и од поранешни амбасадори. Во претходниот период, претседателката, по потреба, во неколку случаи ангажираше надворешни соработници. Според неа, не треба да се превиди и постојаниот придонес на вработените во Кабинетот на Претседателот – велат од нејзиниот Кабинет.
Истото прашање го поставивме и за советник за национална безбедност, бидејќи и за таков нема никаков податок на веб-страницата.
„Советникот за воени прашања, полковник проф. д-р Тони Ѓоргиев, ги покрива и прашањата од областа на одбраната и безбедноста“, гласи одговорот од нејзиниот Кабинет.
Сепак, експертите не се согласуваат со ваквиот пристап на претседателката. Според нив, дури и да станува збор за нормативно право, како што велат од кабинетот, има воспоставена практика и досега не се случило претседател на државата да нема советник за надворешна политика и за национална безбедност.
Нивното објаснување е и дека не е соодветно советник за воени прашања да ја „покрива“ и безбедноста, бидејќи истата ја вклучува и цивилната безбедност, а не само воената. Според законот, додаваат тие, претседателот на државата има право на пет посебни советници чиј мандат е врзан со мандатот на претседателот. Тие се едногласни дека претседателката има обврска да ги има овие советници бидејќи главната надлежност ѝ се одбраната и безбедноста и надворешната политика.
Наумовски: Сериозните предизвици бараат постојани советници
Универзитетскиот професор Васко Наумовски за „Слободен печат“ појаснува дека надлежностите на институцијата во најголем дел се однесуваат на надворешната политика и безбедноста, и би било соодветно да постои поддршка од постојано ангажирани советници за овие области, знаејќи дека менливоста на политичко-безбедносната состојба на глобалната сцена секако има свое влијание и врз нашиот регион.
– Руско-украинската војна, традиционалните ризици на Блискиот Исток, како и потенцијалот за кризни состојби на Балканот се состојби што налагаат длабински анализи, процени и совети за врховниот командант на државата, дополнително ако се работи за држава членка на НАТО – вели Наумовски.
Што се однесува до советникот за надворешна политика, тој смета дека „улогата што ја има институцијата Претседател во дипломатијата, билатералните и мултилатерални односи, особено во контекст на нашата евроинтеграција, ја наметнуваат потребата за континуирана активност на повеќе нивоа, вклучително и комуникација меѓу кабинетските советници на шефовите на државите“.
– Сериозноста на предизвиците со кои се соочуваме, или би можеле да се соочиме во блиска иднина, несомнено бараат вклученост на искусни советници кои постојано ќе бидат дел од претседателскиот тим – додава Наумовски.
Буквално се давиме во чаша вода
Професорот и поранешен амбасадор Нано Ружин коментира дека во време на глобализација, поврзан свет, како членка на НАТО, кандидат за ЕУ и дел од безбедносниот систем на Западен Балкан, државата е исправена пред многубројни дилеми и има потреба од геополитичари и стратези што ги знаат околностите и што знаат да советуваат.
– Незамисливо е шефот на државата да нема човек на кој ќе се потпре за надворешнополитичките и безбедносните предизвици, па дури и за настап на самити, конференции и слично. Во тој контекст би додал дека власт, вклучително и претседателката, не се изјасни на пример за тоа што значи за нас мировниот план за Украина, не знаеме каква ни е позицијата кон САД, не се зборува за значењето на коридорите 8 и 10 и тоа не само од економски аспект – ни изјави Ружин.
Наместо овие прашања, додава тој, јавноста е воспитана да се занимава со партиски препукувања, кој колку украл…
– Буквално се давиме во чаша вода – вели Ружин.
Во контекст на безбедноста како нејзина надлежност ја прашавме претседателката зошто досега само двапати го свикала Советот за безбедност иако имаше сериозни прашања за разгледување како што беше војната на Блискиот Исток или тврдењето на премиерот Христијан Мицкоски дека Македонија е под хибридни напади и слично.
– За претседателката, свикувањето на Советот за безбедност не е само претседателски чин, туку се заснова на координација и барање претходно мислење од постојаните негови членови – ни изјавија од Кабинетот.
Ништо од ветувањата во предизборната кампања
Инаку Сиљановска-Давкова во предизборната кампања најави дека проактивно ќе раководи со Советот за безбедност и дека во нејзиниот мандат Советот ќе има работни тела со стручни советници за три прашања што сака посебно да се развиваат: одбрана на интернет; жени, мир и безбедност; и загадувањето како закана на националната безбедност.
Исто така, најави дека дополнително ќе формира „работно тело во состав на Советот за безбедност со цел постојана комуникација на целиот безбедносен сектор“, во периодот меѓу две седници на Советот за безбедност преку определените офицери за врска од институциите (МВР, МО, МНР, АР, АНБ, БЈБ, ЦУК итн.). Ова тело, како што велеше, требаше да биде одговорно и за изработка на месечен брифинг за претседателот на Републиката, како и други анализи по порачка од шефот на државата.
На прашањето зошто не е формирано вакво тело и по една и пол година од мандатот, од Кабинетот велат дека проактивноста во Советот за безбедност се гледа во следново:
„Членови на Советот за безбедност, покрај оние по функција се и проф. д-р Владо Спиридонов и д-р Малинка Ристевска-Јорданова. Обајцата врз основа на координативни состаноци со експерти во своите области до претседателката, но и до Советот за безбедност испратиле релевантни сознанија, заклучоци и предлози“.
– Комуникацијата во безбедносниот сектор се одвива преку редовни неделни, но и посебни извештаи и анализи од АР, МО, АНБ, МНР, ЦУК итн. Засега, и покрај постојниот правен основ во Деловникот за работа на Советот за безбедност, претседателката не гледа потреба од институционализирање на соработката во посебно тело во состав на Советот за безбедност, со оглед на исполнетите заложби и цели од Програмата преку постојниот формат – информираат од Вила Водно.
Инаку, колку за споредба, колеги на Сиљановска-Давкова во регионов не сметаат дека за толку важни прашања какви што се надворешната политика и безбедноста не е доволно да се потпрат на придонесот од членови на кабинетот. Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, на пример, освен советникот за национална безбедност, во рамките на кабинетот има посебен кабинет за надворешна и европска политика со советник и помошник советник, а претседателот на Бугарија Румен Радев од вкупно 19 советници во кабинетот има двајца за надворешна политика, двајца за безбедност и одбрана и еден за воена безбедност.


