Сијарто: „Унгарија ќе ѝ даде енергенси на Србија, земја што ни крива ни должна ја плаќа цената на војната во Украина“
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денес во Белград изјави дека Србија секогаш може да смета на Унгарија, и порача дека неговата земја ќе ѝ помогне Србија да има стабилно снабдување со енергија, објави „Н1“.
Препорачано
— Сѐ што е во наша моќ ќе направиме за да имате стабилно снабдување со енергија — изјави Сијарто по средбата со неговиот српски колега Марко Ѓуриќ.
Сијарто истакна дека има овластување денес, на состанокот со министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, да ги договори техничките елементи на политичкиот договор на ниво на двете земји.
Тој оцени дека цената на руско-украинската војна ја плаќаат европските земји, кои, според него, немаат никаква одговорност, како што се Унгарија и Србија.
Сијарто ги критикуваше земјите членки на ЕУ кои, според него, повеќе сакаат во Унијата да ја примат Украина која војува, одошто Србија.
Ѓуриќ изјави дека политичката усогласеност меѓу Србија и Унгарија е на историски максимум и порача дека Србија, иако не е членка на ЕУ, го придодава својот глас за завршување на војната во Украина.


