Штрајк на белградскиот аеродром „Никола Тесла“
Вработените на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград од полноќ стапуваат во предупредувачки штрајк кој ќе трае 24 часа, потврди за Нова.рс претставникот на синдикатот „Заедно“, Јован Танасиловиќ.
Препорачано
Според него, штрајкот е организиран согласно законот, најавен е пред 10 дена и ќе се обезбеди минимален работен процес утврден со закон.
„Вработените се одлучија на овој потег незадоволни од својата финансиска состојба. Сакаме просечната плата на аеродромот да биде на ниво на просечната плата во градот Белград, бидејќи бевме на тоа ниво кога аеродромот беше даден на концесија“, објасни Танасиловиќ.
Бидејќи аеродромот е објект од витално значење, како што наведе, минималниот процес на работа во некои оперативни единици е од 85 до 100 проценти.
„И тоа е едно од барањата. Бараме да се смени одредбата за нашето право на штрајк, бидејќи на овој начин всушност се оневозможува. Нашето барање е минималниот процес на работа на аеродромот да биде ангажман на третина од сите вработени“, рече претставникот на синдикатот „Заедно“.
За најавите на другите синдикати дека нема да има штрајк и дека е постигнат договор со раководството, Танасиловиќ рече дека синдикатот „Заедно“ е единствениот репрезентативен синдикат на аеродромот.


