Што прави денеска: Тијана Периќ, пејачка

Фото: Приватна архива

Талентираната пејачка Тијана Периќ студира на Факултетот за музичка уметност и, како што вели, целата нејзина историја во образованието е поврзана со музика. Дваесетгодишната музичарка е голема љубителка на уметноста генерално, но она што најмногу ја привлекувало отсекогаш биле музиката и глумата. Соновите поврзани со музиката веќе чекор по чекор, полека си ги остварува, а глумата сѐ уште ѝ е неостварена љубов. Сепак, Тијана верува и чувствува дека некогаш ќе добие шанса да се оствари и на тоа поле и дека ќе може да си го оствари и тој сон.

Фото: Приватна архива

Тијана неодамна започнала и со свои свирки во различни локали – кафулиња. Тоа ѝ причинува голема среќа, од причина што таа е личност што живее во светот на музиката и ја исполнува моментот кога ја споделува музиката со луѓе.

– Обожавам да ја споделувам и искусувам музиката и со луѓе и да можам да нанесам насмевки на лицата на луѓе кои се забавуваат на музиката што јас ја изведувам или да направам сите да пеат во еден глас. Тогаш душата ми е полна! – вели Тијана.

Талентираната Тијана ни долови како изгледа едно нејзино деноноќие.

Фото: Приватна архива

– Сите имаме различни денови, меѓутоа јас денеска ќе ви раскажам како ми изгледаат исполнетите денови затоа што тие ми се омилени. Кога ќе станам наутро, откога ќе се средам, најпрвин си подготвувам кафе, а потоа веднаш се фаќам за книга и си имам одредено време во кое уживам во кафето и книгата. Потоа, кога веќе се чувствувам подготвено за денот, доколку имам одредени обврски тие се првото нешто што го завршувам, а тоа можат да бидат обврски од типот предавања на факултет, работа во студио, проби за свирки, вежбање и учење.

Откако ќе го завршам сето тоа, преминувам на позабавната страна од денот. Тука е одвоеното време за семејството, партнерот, блиските пријатели и времето за себе. Во некои денови, се случува семеен ручек во тој период, некогаш кафиња со пријателите, некогаш прошетка во природа со партнерот, но за што и да станува збор секогаш уживам и искористувам максимум од времето. По тој попладневен период најчесто доаѓа времето за себе кое го користам на различни начини, некогаш во гледање серии и филмови, некогаш повторно со книгата во раце, некогаш во слушање музика и одмор, надворешни прошетки или шопинг, но главно во работи што прават да се опуштам и да уживам додека ги правам, а воедно да сум само во свое присуство. Вечерите ми се најчесто испланирани и пополнети со некои интересни излегувања со мојот партнер и пријателите, па тие се состојат од многу забава, насмевки, дружби и убави моменти.

Фото: Приватна архива

Сите обожаваме музика, па затоа многу често излегувањата знаат да бидат присуства на живи свирки што мене лично ми се едни од омилените излегувања, останатиот дел може да бидат културни вечери исполнети со многу муабети или, пак, дружби и време поминато во домашна убава атмосфера. Но, бидејќи јас сум човек што обожава да биде помеѓу своите најблиски луѓе, па кога сум со нив, тоа ми е сè што ми е потребно и битно за да се чувствувам прекрасно, без разлика каде се наоѓаме.

Најважното од сè е што на крајот од еден ваков исполнет ден, легнувам во креветот со голема насмевка и исполнета душа за сите завршени обврски, убави и квалитетни моменти и дружења, па затоа и овие денови ми се оние омилените.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот