Што прави денеска: Филип Макрадули, интернационален модел

Фото: Фокс Моделс/Ани и Дими

Неговата кариера почнува веднаш по средбата со главните луѓе на модната агенција „Моделс ин“, кои ја препознаваат рафинираноста и несекојдневната убавина на младиот Филип Макрадули. Иако предаден и посветен максимално на науката и на неговите студии, тој, сепак, одлучува да посвети и прилично голем дел од своето време на моделингот. Неговиот пробив се случува кога станал заштитно лице во модната кампања за пролет/лето на брендот „Бицијани“. Во своето портфолио може да се пофали со безброј кампањи и реклами за сите позначајни брендови. Сепак, неговата љубов кон науката и студиите го носат во Лондон каде што завршува со магистерски студии и понтаму продложува да работи во областа на дата сајенс. Таму ќе го продолжи и интернационалниот моделинг, бидејќи Макрадули е добар пример како надворешната убавина се надградува и зрачи кога ги постигнувате своите цели. Паметен, елоквентен и професионален се само мал дел од неговите карактеристики, кои ќе му ги отворат сите патишта кон врвот.

Филип Макрадули/Фото: Ани и Дими

Атрактивниот Макрадули ни раскажа како изгледа едно негово деноноќие…

– Денот го започнувам со кафе, наутро не појадувам, туку пијам само кафе и многу вода. Овој режим на исхрана го практикувам веќе три години и е нешто што му одговара на мојот организам. Не би рекол дека ова е нешто што го препорачувам за секого, но може да се проба. Според мене, појадокот не е најважен оброк во денот. Кафето го пијам без млеко и шеќер.

Филип Макрадули/Фото: Христина Трајковска за „Окс Стрит“

Следниот период е период на концентрација, во овој период обично работам или учам во зависност од тоа како ми се распоредени обврските за денот. Ова сум го практикувал и во студентските денови, а и во деновите како вработен. Студиите на инженерски дисциплини и програмерската работа бараат концентрација, па затоа увидов и дека овој метод на нејадење наутро ми помага и во тој поглед. Околу 14 или 15 часот, го јадам првиот оброк во денот. Тоа е многу често нешто што јас сам го подготвувам бидејќи сакам да готвам. Обично подготовката се состои од високо протеинска храна (најчесто некој вид месо, но не секогаш) комбинирана со свежа салата и јаглехидрати (компир, зеленчук, ориз итн.). Бидејќи не појадувам, овој оброк ми е поголем од обично и доста обилен. Јадам и десерт, но гледам да не претерувам. Сè додека внесувам доволно протеини, не сум престрог со следење оброци и броење калории. Јадам разновидно и гледам да не се ограничувам во исхраната. Во попладневните часови, поминувам време со семејството или излегувам на кафе со пријателите. Во овој дел од денот одам и во теретана каде што правам вежби со тежина и мал број повторувања. Теретаната ја посетувам околу 3 до 4 пати неделно, ретко повеќе од тоа. И одморот е исто важен како и вежбањето.

Филип Макрадули/Фото: Христина Трајковска за „Окс Стрит“

Во вечерните часови, ако треба, доработувам или читам одредени работи поврзани со работата или со учењето. Доколку нема нешто што треба да сработам, во овој период некогаш гледам серии, филмови, документарци или, пак, читам книги. Но, во последно време поради работата и студиите, читањето ми е главно сведено на теми од компјутерските науки. Понекогаш во овој дел од денот знам да се задлабочам во области што ме интересираат, а не се поврзани директно со она што го работам и правам. На пример, економија, историја, уметност, наука итн., па понекогаш поради тоа останувам и подоцна буден.

Низ текот на целиот ден користам телефон за допишување со пријателите и исто сакам да праќам гласовни пораки. Гледам да имам 8 часа спиење, бидејќи сум забележал дека тоа е една од најважните работи за моето здравје и благосостојба. Ако некогаш ми недостасува спиење, знам да одложам некои од работите погоре за да имам доволно часови спиење. Пред да заспијам, понекогаш (иако не доволно често колку што треба) користам средство за чистење на лицето и хидратантен крем. Во сончеви денови гледам да ставам фактор за заштита од сонце преку денот, иако понекогаш заборавам.

Филип Макрадули/Фото: Фокс моделс

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот