Што пие кафана?
Бранко, сакале или не сакале, остана последниот политичар што може да се најде на сите насловни страници само затоа што седнал да јаде. Без да каже збор. Без да има став за нешто. Додуша, тој веќе 15 години нема став за ништо битно во државава, иако граѓаните сѐ уште дебело го плаќаат за да коментира состојби во улога на поранешен државник, да користи канцеларија каде што ќе може спокојно да го креира мислењето за состојбите, да има соработници што ќе му помогнат да му се разбистрат мислите…
Во оваа држава, дури и само еден ден да си бил политичар – готово, ти нема спас. Или ќе се вратиш, или ќе те „вратат“. Нема варијанта да си пензиониран политичар, да одиш на пазар со торба и да се ценкаш за краставици. Не, мора да има нешто зад тоа. План, сценарио, тајна средба, кумство со порака. Кај нас и кога не правиш ништо – правиш нешто.
Препорачано
Ете, земете го Бранко. Човекот, колку што гледаме, само сака да си седи во кафеана со пријатели. Да си порача шопска салата, да фрли некоја ракија, да се пошегува со келнерот дека порано политичарите биле поскромни за разлика од тие што сега седат со него на маса.
Ама не. Како за беља, веднаш се појавува некој со телефон, слика, пушта на социјални мрежи – и почнува циркусот: „Се враќа Бранко!“, „Ќе прави партија!“, „Ќе биде сив кардинал!“.
Не постои кај нас нешто што се вика „пензиониран политичар“. Особено ако си имал важна функција. Ако си бил премиер или претседател на државата, тоа е доживотна казна.
Си седнал на клупа во парк? Заговор. Си отишол на викенд во Охрид? Тајна средба. Си рекол „ќе одам до маркет“? Нова коалиција.
А што да прави човекот? Ниту тивко може да се насмее ниту да си јаде на раат. Една виљушка ќе земе, и веднаш – политичка анализа во три дела.
Медиумите почнуваат со сензација: „Бранко во кафеана со министер!“. А тоа што се кумови од времето кога кутија „родео меко“ чинеше 35 денари, никој не спомнува. Не, тоа е „нова линија на комуникација меѓу старите структури“.
Ај, доста, бе. Човекот има 60 и кусур години. Нека си јаде. Нека се смее. Нека си зборува за времињата кога „немаше инфлуенсери, туку само членови на Централен одбор“. Па и ако нешто готви, тоа не мора да е политика – може да е тавче-гравче.
Знаете што е проблемот? Не знаеме да ги оставиме луѓето да остарат. Секој што некогаш држел власт мора вечно да биде виновен или сомнителен. Ако се повлече – кукавица. Ако се појави – манипулатор. Ако молчи – нешто спрема. Ако зборува – сигурно лаже.
А можеби вистинската трагедија е што ни недостигаат нормални сцени. Толку сме навикнати на расправии, што кога ќе видиме двајца луѓе да се смеат во кафеана, ни изгледа како државен удар.
Бранко, сакале или не сакале, остана последниот политичар што може да се најде на сите насловни страници само затоа што седнал да јаде. Без да каже збор. Без да има став за нешто. Додуша, тој веќе 15 години нема став за ништо битно во државава, иако граѓаните сѐ уште дебело го плаќаат за да коментира состојби во улога на поранешен државник, да користи канцеларија каде што ќе може спокојно да го креира мислењето за состојбите, да има соработници кои ќе му помогнат да му се разбистрат мислите…
Но, сепак, има нешто поетично во тоа – човекот што некогаш ја водеше државата, сега ја „вознемирува“ само со тоа што молчи и јаде. А можеби е тоа најубавото нешто што му се случило. Да се обиде да живее како нормален човек. Да седне, да се насмее, да си ја избрише раката со салфета и сето тоа медиумите да не го толкуваат како политичка порака.
Ама не, тоа сме ние. Ќе го сликаат пак. Ќе кружи фотката по групи, ќе се толкуваат изрази на лицето, ќе се бројат чаши на масата, ќе се анализира кој седел и до кого. И пак ништо нема да се случи.
А Бранко? Ќе си јаде. Ќе си плати. Ќе си замине. И утредента пак ќе биде вест. Зашто во Македонија, не е важно што си направил за лошото или за доброто на државата – важно е што си порачал во кафеана.


