Што ни требаше Седлоски за селектор?
Тимот на Македонија, подготвен и предводен од Седлоски, не покажа ништо што селекторот најавуваше пред мечот во многу оптимистичка атмосфера
Навистина, што ни требаше Гоце Седлоски за селектор? По тешкиот пораз на македонската репрезентација од Данска (4-0) во баражот за пласман на Мундијалот, во фудбалската јавност се врти токму тоа прашање, заедно со лавините критики на адреса на стратегот. Фудбалската јавност во земјава не ја боли толку поразот од Данска, која и онака беше голем фаворит, туку играта на нашиот тим, едно од најлошите изданија на „рисовите“.
Препорачано
Да беа Данците поупорни, а Столе Димитриевски да имаше лош ден, многу лесно ќе примевме уште некој гол, но и ова е повеќе од доволно да може да се нарече тежок пораз. А при вакви „потопи“ прв на отстрел е селекторот. Тоа е сосема нормално, а во случајов и заслужено.
Тимот на Македонија подготвен и предводен од Седлоски, не покажа ништо што селекторот најавуваше пред мечот во многу оптимистичка атмосфера, што се покажа само како фантазија.
Немаше ни трошка од некаква офанзивна и сплотена игра, што селекторот ја најавуваше. Неговите измени во составот кои требаше да бидат освежување, не се забележуваа на теренот. Воопшто, целиот тим делуваше изгубено. Во меч во кој требаше да одиме на победа, не забележавме ниеден шут во рамките на голот на противникот? Ниеден?! А имавме двајца шпицови на стартот.
Тимот на Македонија знае и може многу подобро од ова што го видовме на „Паркен“, па вината за конфузијата што ги „красеше“ црвено-жолтите треба пред сè, да се бара кај Седлоски и неговото водство.
Сонот за пласман на Македонија на СП, реално, многумина во нашата фудбалска јавност знаеја дека е многу веројатно само сон. Но ако нашиот тим прикажеше достојна игра и беше тактички, колку-толку, рамноправен противник на реално поквалитетните Данци, ќе немаше место за критики. Едноставно, достоен пораз не е срамота.
Но ваков пораз секако е за да се вцрвиш, нашите реално можеа подобро. А Седлоски, тој мораше подобро. Статистиката е поразителна, ако во меч во кој требаше да одиме на победа, или барем да се обидеме максимално, далеку најдобар играч ни е голманот (Столе Димитриевски блескаше со шест одбрани), нешто сериозно не е во ред со концепцијата на играта, со еланот во тимот, со тактиката што селекторот ја одреди.
Сега, по ваква бламажа, многу „робусно“ се наменува прашањето – што ни требаше токму Гоце Седлоски за селектор? Со што тој заслужи да ја преземе репрезентацијата од Милевски за да ја унапредува? Зошто на ФФМ му требаше да го смени селекторот токму пред овој меч?
Навистина, која беше клучната препорака за токму Седлоски да го замени Милевски? Не наоѓаме логичен фудбалски одговор. Башка, Седлоски е и на чело на Вардар. Тоа се две толку одговорни работи, паралелно. Хммм, изгледа како лоша идеја. Но, ете, кај нас помина.
Ако ФФМ веќе сакаше да оди ниво погоре од она што го оствари Милевски, требаше да донесе некој стратег со висок интернационален квалитет, па од македонскиот состав да извади повеќе. Впечаток е дека Седлоски барем во своето деби извади и помалку. Дури и некои од главните играчи во нашиот тим не можеа да се препознаат.
По ваков депримирачки пораз и демонстрираната инфериорност и конфузност на „рисовите“ на „Паркен“, утешниот меч на Македонија со Ирска во вторник добива многу поголемо значење одошто обично би го имал. Шансите за пласман на Светското првенство ги изгубивме, но честа треба да ја спасуваме на овој меч што го играме на гостински терен.
Како тимот на Македонија ќе функционира на тој меч по резултатскиот и ментален удар во Копенхаген, не може да се предвиди. Тој меч, иако без големо резултатско значење, ќе биде важен тест за Седлоски, дали ќе знае да го „крене“ тимот да не доживее слична бламажа.
Ако видиме уште едно слично издание на Македонија со Ирците како во Копенхаген, ќе може да се каже дека новиот селектор само по два меча максимално го потрошил кредитот.


