Што ни е поважно, клупските или репрезентативните резултати?

Низата учества на репрезентацијата на големите натпреварувања е поголем успех за македонскиот ракомет од какви било клупски трофеи. Треба да се настојува таа низа да се унапреди, да се оди ниво погоре со повисоки пласмани од сегашните, а тоа е можно само ако нашите најквалитетни клубови им посветат поголемо внимание на домашните ракометари.

Македонската ракометна репрезентација се избори за учество на осмото светско првенство во низа – нашиот национален тим од 2012 година редовно учествува на сите големи натпреварувања. Тоа е причина за радост и гордост во спортската јавност во земјава. Ниеден друг спорт ни одблизу ги нема успесите на ракометот.

Но, паралелно со успесите на националниот тим, се засилува друг процес што загрижува. Тоа е сè поголемото присуство на странски играчи по македонските клубови. Се работи главно за квалитетни играчи, но, тие им го земаат местото и со тоа можноста за развој на домашните играчи. А тоа само негативно може да влијае на квалитетот на националната репрезентација, дотолку повеќе што таа во нашиот случај се пополнува речиси исклучиво од домашните клубови.

Странците одамна се присутни во македонскиот ракомет, но впечатокот е дека во последно време тој тренд на носење играчи однадвор е засилен и е присутен во повеќе клубови. Особено ова важи за трите доминантни клубови во Македонија – Вардар, Еурофарм Пелистер и Охрид, во кои доминираат странците. Од таа „шема“ отстапува Алкалоид, кој најмногу се потпира на домашни сили.

Не е штета ако клубовите имаат странски играчи со висок квалитет, но ако не се намали нивната доминација особено на домашната сцена, може да се нанесат долгорочни штети на резултатите на репрезентацијата. Прекинување на низата учества на европските и светски првенства би нанело голема штета на нашата спортска гордост, ракометот.

Клубовите си имаат свои клупски интереси: што подобар пласман во домашното првенство и во европските купови. За да го остварат тоа впечаток е дека не се штедат пари за да донесат странци. Но клупските амбиции и новото остварување со странци во екипите, не се поклопуваат со интересите на репрезентацијата. Тоа е особено така во ситуација кога 99 отсто од составот на нашиот национален тим е од домашните клубови. Не е сеедно ако во репрезентацијата имате играчи кои имаат помалку или повеќе споредни улоги во своите клубови, или со остварени полни клупски минутажи.

Веројатно е време Ракометната федерација на Македонија (РФМ) да дејствува во тој правец, да го намали бројот на странци и(ли) нивното време на паркетот во домашните натпреварувања. Не треба да се објаснува дека тоа би било добро за репрезентацијата, иако некои од клубовите никако не би се радувале. Сепак, во еден момент треба да се „пресече“, што е поважно, клупските или репрезентативните резултати? А кој да пресече ако не РФМ? Како што сега стојат работите, деветмина странци по клуб, можеби е генератор на клупските успеси, но, никако не може да биде добро за репрезентацијата.

Селекторот Кирил Лазаров во повеќе наврати, па така и по последниот успех – пласманот на Мундијалот 2027, повторува, апелира до клубовите да користат што повеќе домашни играчи, дека тоа е неопходно да се пополнува и да се крева репрезентацијата, да се продолжи низата учества на големи натпреварувања, што е поважно од каков било клупски успех.

Ако интересите на клубовите и на репрезентацијата во некоја точка се разидуваат, врховната моќ во овој спорт, а тоа е РФМ, треба да мисли прво на националниот тим. Повторените апели на селекторот (а и на други стручњаци), клубовите да се трудат повеќе да се потпираат на домашни играчи отколку што тоа го прават сега, се предупредување дека одиме во погрешен правец.

Малите земји кои бележат напредок во ракометот, тоа го прават со тоа што интересите на репрезентациите ги ставаат над сè друго. Земјата која често се истакнува како пример, Исланд, земја со 400.000 жители, нема големи клупски меѓународни успеси, како што се европски клупски титули. Но, ракометната репрезентација на Исланд има успеси на кои ние не можеме да се доближиме, олимписки, европски медали – на последново ЕП беше четвртопласиран…

Дали македонската репрезентација може да дојде до слично ниво? Ако сакаме да се надеваме на такво нешто, треба да си ги преиспитаме приоритетите, клупските да бидат потполно во служба на репрезентативните. Генерално, сега не е така.

Сметаме дека низата учества на репрезентацијата на големите натпреварувања е поголем успех за македонскиот ракомет од какви било клупски трофеи. Треба да се настојува таа низа да се унапреди, да се оди ниво погоре со повисоки пласмани од сегашните, а тоа е можно само ако се подигне бројот и квалитетот на домашните ракометари низ настапите во најдобрите македонски клубови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот